Едиторијал
Црвени ленти и познати спотови
Нина Нинеска-Фиданоска
Ако вака продолжат нашите министри и градоначалници, постои опасност многу скоро да се појави сериозен недостиг од црвени ленти во продавниците. Сите сечат ленти. Речиси и да нема функционер во земјава кој во последниве две недели не присуствуваше на некакво свечено отворање, предавање во употреба, доделување стипендии или на каков било друг банален настан, кој во нормални околности немаше да биде ни регистриран од нашите политичари и државници. Но сега, во време кога веќе се загрева предизборната трка, сите се пуштија во потрага по какво било случување, само со цел таму да се појави соодветниот министер, да каже колку за „таа придобивка“ е заслужна Владата или партискиот градоначалник, и притоа да ќари некое предизборно поенче.
Дури и да не се случува ништо, нашите функционери станаа махери да измислат промотивни настани, на пример посета на некоја компанија без никаква причина, барајќи начини во јавноста да бидат видени и доживеани како успешни политичари. Дури и најголемиот верски празник Велигден министрите го искористија да се појават во светите храмови и оттаму да му упатат некаква порака на населението.
Кога вака почнаа, се прашуваме што ли ќе се случува кога и официјално ќе стартува предизборната кампања.
Во претходната недела дури ни најбројните редакции не можеа да обезбедат доволно новинари и сниматели за да ги следат „ударничките“ чекори на владините министри и на градоначалниците. Во тој наплив на сечења ленти, посети, средби со бизнисмени и слични настани, бевме сведоци и на комични ситуации. Така, еден владин министер присуствуваше на доделување дипломи на еден од нашите факултети. Еден градоначалник, пак, сечеше лента на „предавање во употреба нови прозорци“ во едно основно училиште, а друг негов колега се подготвува да промовира нова фонтана. Дури и на малите деца им е јасно кој е мотивот на овие луѓе. Токму сега ли мораше да се предаде во употреба ремонтирамната пруга и новиот центар за обработка на податоци на Управата за јавни приходи? Токму сега ли дојде редот да се посети целосно компјутеризирано средно училиште и да се промовира проширената Интернет-услуга на Државниот завод за геодетски работи? Да не зборуваме за министерот за екологија, пак, кој токму сега се сети дека една компанија ја загадува околината.
Човек едноставно добива впечаток дека од секој ќош може да му излезе некој министер или градоначалник кој ќе дава изјава од типот „отсега населението ќе живее уште подобро и побогато“. Едноставно, се врши напад на сите сетила и со сите средства врз граѓаните, само со цел да се освојат нивните гласови.
Не се штеди ни на реклами. Телевизиите и дневните весници се преполни со „креативни“ спотови од типот „Ти си Македонија“, „Имај трето дете“, „Образованието е моќ“ кои се само дел од арсеналот со кој власта, наводно, се обидува да ја уништи апатијата и да ја врати волјата кај граѓаните. Тоа што токму нивните пари се арчат за да се платат ваквите излети, за Владата не е воопшто битно.
Не е првпат во време пред избори власта да се фали со своите „успеси“ и да се обидува на секаков можен начин повторно да го импресионира граѓанството.
Но, она што се случува сега е навистина претерано. Практично, сите ресурси, и човечки и материјални, во моментов се впрегнати во трката по предизборни поени. Во таа функција е и „великодушното“ трошење буџетски пари за владините кампањи.
Овие избори можеби ќе дадат потврда на она што многумина аналитичари зборуваат во последно време – дека само со интензивна пропаганда не се добиваат избори. Граѓанството веќе не се добива со евтини популистички потези и со уште поевтини владини спотови, туку бара конкретни резултати.
|