Струмичани во шок по апсењето на градоначалникот Зоран Заев
Наместо признание од Советот на Европа, Заев доби кривична пријава од МВР
СТРУМИЦА - Граѓаните на Струмица се изненадени и шокирани од апсењето на градоначалникот Зоран Заев и неговите соработници. Најголем дел од нив не можеа да поверуваат дека тоа е вистинито и можно. Ги вклучуваа радиоприемниците и телевизорите за да се уверат во веста која молскавично проструи низ струмичката чаршија.
„Не е можно, слушам ама не можам да поверувам дека го уапсија нашиот градоначалник, човекот кој на Струмица и' даде европски лик. Жално е да се затвораат луѓе кои чесно работат“. Ова беа најчестите коментари на граѓаните кои вчера ги затековме на улиците во Струмица.
Веднаш по апсењето на Заев, неговите сопартијци и симпатизери се собираа пред штабот на Општинската организација на СДСМ, а таму прес-конференција одржа претседателот Панче Орцев.
„Апсењето на градоначалникот Зоран Заев и на неговите соработници е гнасен политички чин со кој се манифестира желбата на Груевски за апсолутистички режим на владеење. Но, убедени сме дека божјата правда е многу поголема од неправдите во оваа земја. Каква и да биде разврската од сево ова, делата на Заев во Струмица остануваат да сведочат дека беше и останува најдобар градоначалник во Македонија“, изјави Орцев.
Поголем број симпатизери и сопартијци со автобуси и мини-комбиња вчера од Струмица заминаа за Скопје за да го изразат своето незадоволство од апсењето и да му дадат поддршка на својот градоначалник.
Зоран Заев и неговите соработници се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во изградбата на трговскиот центар „Глобал“, кој како прв пример за успешно јавно приватно партнерство во беше предаден во употреба во февруари годинава. (Е.П.) |