Груевски ќе оди во Чикаго, а не во Њујорк
Премиерот Никола Груевски, сепак, ќе замине за САД, но место во Њујорк на Генералното собрание на ОН, тој ќе отпатува во Чикаго на бизнис-настан. Неговиот престој е најавен од страна на Чикашкиот совет за глобални прашања, непрофитна организација, а таму премиерот ќе зборува за тема за која има дискутабилна репутација - „Комплетирање на визијата за обединета Европа гледано од перспективата на Македонија“. Настанот е закажан за идната недела, на 29 септември.
Во Владата вчера немаше кој да ја потврди информацијата и евентуално да соопшти дали освен овој повод, Груевски има и некакви други средби во агендата.
Место со него, вчера во Њујорк се подготвуваше средбата на претседателот Ѓорѓи Иванов со грчкиот премиер Јоргос Папандреу од која не се очекуваа некакви придвижувања во спорот. На средбата беше најавен и шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски. Иванов ќе остане во Њујорк и идната недела за да се обрати на Генералното собрание на ОН во понеделник.
Грчки извори вчера нагласија дека средбата на претседателот Иванов со Папандреу ја сметаат за вообичаена и дека таа во никој случај не е соодветна замена за испуштената шанса за разговор меѓу двајцата премиери. Според медиумите, брзиот одговор на премиерот Папандреу бил начин да се покаже дека и покрај обвинувањата од македонска страна за непоместливи ставови и за немање волја да се реши спорот во Атина, тие, сепак, се подготвени за преговори и за компромис. „Грчките ставови се јасни и веќе одамна е истакната политичката волја за решение. Продолжуваме со обидите и нема да дозволиме кои било изјави да ги попречат преговорите“, ги пренесуваат медиумите дипломатските оценки. (С.Ј.-М.П.) |