Фрчкоски: Власта се служи со невидени притисоци
Граѓаните се изложени на невиден притисок да гласаат за кандидатот на власта, тврди Љубомир Фрчкоски, фаворит на СДСМ и НСДП. „Власта ги условува да најдат 10-20 пријатели кои ќе гласаат за нивниот кандидат ако сакаат да ги задржат своите работни места, пред се' во администрацијата, или да им бидат продолжени договорите за работа, директно се нудат пари, се бара снимање на гласачките ливчиња... Луѓето се под притисок каков што досега немало во Македонија“, обвини тој на прес-конференција. Според Фрчкоски, „власта се служи со насилни методи со кои се обидува да ги прикрие лажните ветувања за наводните 8 милијарди евра. Ниту Иванов ниту Владата немаат никаков контакт со реалноста, а нудат ’постер-кандидат‘, кого го гледаме само на рекламните билборди“.
Воедно, тој предупреди дека на изборите в недела ќе има турканици при гласањето, што било потврдено при направената симулација. Секое гласање трае околу 5-6 минути и при ваква ситуација во Скопје може да се очекува дури и блокада на изборите. Оттаму, Фрчкоски ги повика граѓаните утрото масовно да излезат на гласање, за „попладнето да не се соочат со блокади и дополнителни матни работи околу изведувањето на изборите“. (Б.Ј.) |