Европска маска за старата бугарска политика
Младенов во Македонија настапи во манир на европски политичар, но ја повтори тврдокорната политика на Софија
Тамара Грнчароска
Двајца високи офицери на бугарската армија се обиделе во четвртокот, на Денот на Армијата на Бугарија, облечени во униформи да ја поминат границата со Македонија за да положат цвеќе на гробиштата на бугарските војници во струмичко Ново Село.
Обидот на бригадниот генерал Андреј Боцев, заменик-командант на бугарските копнени сили, и полковник Николај Доцев завршил неуспешно, бидејќи македонските гранични служби, следејќи ги регулативите, не им дозволиле влез во земјава облечени во униформа на странска армија. Според македонските закони, лице во униформа на друга армија може да влезе во земјава само доколку добие дозвола за тоа од македонските власти. Двајцата бугарски офицери, како што се објавија агенциите, не ни поднеле барање до македонските надлежни служби за такво нешто.
Дали намерно или од незнаење, офицерите, практично, нелегално се обиделе да влезат во земјава, но од бугарските медиуми тоа беше протолкувано како топ-скандал и како мерка на „реципроцитет“ од македонска страна за недозволувањето на околу 1.000 Македонци, во организација на Светскиот македонски конгрес, да влезат во Бугарија за да одбележат 95 години од смртта на Јане Сандански, во април. Бугарската агенција Фокус за настанот информираше со насловот: „Двајца офицери за еден Тодор Петров. Нееднакво“.
Истовремено, додека бугарските медиуми пишуваа за „сагата“ на двајцата бугарски офицери, во Македонија се одвиваше посетата на бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Младенов, кој пред македонските медиуми најавуваше нов почеток на бугарската политика кон земјава. Притоа, тој повикуваше двете земји да ја заборават историјата што ги дели и да се посветат на иднината, велејќи дека е „многу посилно, кога сите ние заедно, не само Бугарија и Македонија, им оддаваме почит на тие херои и на таа историја“. Изјавата на Младенов помалку иронично звучеше на околу една недела по вториот неуспешен обид на групата македонски граѓани организирано да го посетат гробот на Сандански во Бугарија. Одбележувањето на смртта на една од иконите на борбата за македонска независност, кој Бугарија го смета и за свој, не само што не беше отчествувана заедно туку беше целосно попречена од бугарските власти.
Но, Младенов за тоа немаше конкретен коментар и одговор, туку дури и помалку навредливо посочи: „Ако ампутираме од главите 25 проценти од нашиот мозок, кој е ангажиран со сите конспиративни теории и ги искористиме тие 25 проценти за попрактична работа, ќе има многу повеќе безбедност и успех за сите на Балканот“.
За време на посетата на бугарскиот шеф на дипломатијата на Македонија, Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа (СЕЕМО) заедно со Меѓународниот прес институт (ИПИ) испратија соопштение во кое го осудија недозволувањето на македонска новинарска екипа на 24 април да влезе во Бугарија. Образложението за недозволениот влез е дека тие немале здравствено осигурување, резервација во хотел и официјална покана. СЕЕМО го оценува ова како попречување на новинарската професија и слободниот проток на информации, што е неприфатливо за една земја-членка на ЕУ.
Но, односот кон македонските историски личности и кон медиуми од страна на властите во неговата земја многу не го загрижуваат бугарскиот министер за надворешни работи. Спротивно на тоа, Младенов ја туркаше официјалната бугарска „приказна“ дека медиумите се виновни за труење на односите меѓу двете земји. Додека беше пратеник во Европскиот парламент од 2007 до 2009 година, Николај Младенов заедно со Евгени Кирилов беше еден од осмислувачите на предлог-резолуциите, кои се однесуваа на спречување „говор на омраза“ на македонските медиуми кон Бугарија, како и за учење од заеднички учебниц�� по историја меѓу двете земји.
Иако Младенов во Македонија настапи во манир и со речник на европски политичар, сепак, не можеше да ја прикрие тврдокорната бугарска политика кон Македонија. „Во Бугарија нема македонско малцинство“, со насмевка изјави Младенов пред медиумите, додека само еден ден претходно на една од националните телевизии беше емитуван прилог снимен во Бугарија во кој некои од соговорниците, иако со страв, се декларираа како Македонци.
И додека Младенов во Скопје со својата изјава „забрани“ постоење македонско малцинство во Бугарија, истовремено македонски граѓани пред телевизиските камери изјавуваа дека иако се дискриминирани во однос на другите малцинства во Македонија, сепак, слободно се декларираат како Бугари.
Прашан за тоа дали во Договорот за пријателство ќе се бара и регулирање на статусот на бугарското малцинство во Македонија, Младенов одговори: „Луѓето се слободни да се самоопределат, ајде да не се обидуваме ние да им кажуваме на луѓето кои се“. Во Македонија можат да го направат тоа, но во Бугарија не. |