Нов пакет на Метју Нимиц за јазикот и за нацијата

Нимиц верува оти постојат можности за фер и чесно решение што ќе ги исполни основните барања на двете држави
Тамара Грнчароска
Нимиц во Њујорк предложи нови идеи како можно решение за спорот со Грција околу употребата на уставното име на нашата земја, но без да обелодени конкретни детали од пакетот, како што го нарече новиот предлог.
„Презентирав некои идеи во минатото, сега презентирав некои ревидирани идеи пред двете делегации и побарав од нив сериозно да ги разгледаат како рамка за решение на проблемот“, изјави медијаторот во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц, по заедничката средба со преговарачите на двете страни во спорот за името.
„Конкретен предлог е назив што се обидувам да го избегнам“, изјави Нимиц, додавајќи дека станува збор за сет од идеи кој може да биде структура за решение. „Лично мислам дека има елементи кои се основа за чесно и конструктивно решение, но очигледно двете страни треба да ми одговорат дали нешто од идеите може да биде од помош за нив. Мислам дека идеите што ги понудив ги исполнуваат барањата на двете страни, тоа е моето мислење кога презентирам идеи, но двете страни треба да ги најдат сопствените позиции“, е ставот на Нимиц.
Тој изјави дека очекува двете страни да ги разгледаат идеите и да му одговорат, со закажување нова рунда преговори за неколку седмици, без прецизирање каде.
Нимиц одби да одговори дали предложил конкретни имиња како решение, велејќи само дека дел од неколкучасовните разговори биле и прашањата за македонската националност, јазикот и употребата на придавката „македонски“, со констатација дека тие се важни прашања за двете страни. „Нема да зборувам за ниту едно конкретно име, бидејќи ако го сторам тоа, има многу можности...“, рече Нимиц.
И од канцеларијата на портпаролот на генералниот секретар на ОН по заедничката средба на преговарачите со Нимиц соопштија дека на средбата се дискутирало за сите елементи од спорот, како што се името, опсегот на употребата, прашањето за идентитетот и слично. Оттаму потврдуваат дека Нимиц презентирал ревидирани идеи, базирани врз претходните предлози. „Нимиц ги замолил страните да ги разгледуваат идеите како пакет“, се вели во писменото соопштение, во кое се додава дека „Нимиц верува оти постојат можности за фер и чесно решение што ќе ги исполни основните барања на двете држави“.
Грчкиот преговарач Адамантиос Василакис по средбата изјави дека е потребен компромис со зборовите: „Ќе бидам среќен кога ќе завршиме и кога ќе имаме решение кое ќе ги обедини земјите, зашто вие нема да се поместите од областа во која сте, ние нема да се поместиме од каде што сме, така што мора да најдеме некаков компромис што ќе ни овозможи нормално да живееме“.
Тој на средбата, како што неофицијално се дознава, го изнел ставот дека Грција не се откажува од едно име за севкупна употреба, како решение за спорот. Тој исто така рекол дека наместо македонска нација, за Грција е прифатливо да се нарекуваме „славомакедонци“. Третата работа што ја изнел Василакис, како што се јавува од Њујорк, се однесува на јазикот - тој да се пишува „македонски“, но на латиница. Македонската страна на тоа реплицирала дека одговорот на таквиот тврд грчки став е двојната формула за решение.
Македонските преговарачи Никола Димитров и Мартин Протоѓер, како што јави Канал 5, на Нимиц му предочиле дека Грција со инсистирањето таа да одредува како другите земји ќе ја нарекуваат Македонија во билатералната комуникација излегува од рамката на преговорите.
Атина вчера експресно се изјасни за последната рунда преговори во Њујорк, со соопштение дека „Грција го разгледува најновиот пакет идеи од медијаторот Метју Нимиц и за него ќе се изјасни во следните неколку дена“. „Во претстојните денови ќе бидат направени неопходните поправки, забелешки и предлози о�� Министерство за надворешни работи“, изјави портпаролот на грчкото МНР, Јоргос Кумуцакос. Тој одбил да изнесе други детали, со образложение оти не е потребно да се избрзува со соопштување ставови, особено кога тоа се користи за формирање погрешен впечаток.
Македонската страна, според нејзините официјални претставници, чека преговарачите да се вратат од Њујорк, па да се разгледа и да се расправа за пакетот на Нимиц. Премиерот Никола Груевски вчера изјави дека телефонски ги добил првичните информации за предлогот на Нимиц, но оти ќе го почека Протоѓер, кој денеска се враќа од Њујорк, еден ден порано од Димитров, да му даде целосен извештај за последната рунда од преговорите, по што тоа ќе се анализира и разгледува.
Нимиц по заедничката двочасовна средба со двете страни одржа и одделни средби со преговарачите. Од одговорот на Скопје и на Атина на новиот пакет предлози од Нимиц ќе зависи со каков интензитет ќе продолжат преговорите и дали ќе дојде до средба на министерско ниво меѓу двете држави, што во медиумите од поодамна се шпекулира, а би се случило во рамките на одржувањето на Генералното собрание на ОН кон крајот на месецов, под покровителство на САД.
Ваквите информации, засега, Вашингтон ги негира со тврдење дека тие немаат подготвено план за решавање на спорот околу името меѓу Скопје и Атина. Ова го изјави американскиот помошник-државен секретар Даниел Фрид, кој таквите тврдења ги нарече гласишта. „Единствена процедура за решавање на спорот е во рамките на ОН“, изјави Фрид, додавајќи дека САД целосно ги поддржуваат напорите на Нимиц и дека Вашингтон сака решавање на спорот колку што е можно побрзо.
|