30.12.2011, 14:21 Јанкуловска доби „честитка“ од опозицијата
На крајот на годинава министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска заработи интерпелација од опозициските пратеници.
Пратеничките групи на СДСМ, НСДП-ЛП и ПЕИ-СЛ по неколкуте најави денеска и конечно до Собранието ја поднесоа интерпелацијата за работата на министерката. Во образложението на цели четири страни се наведува дека постојат повеќе причини поради кои сметааат дека Јанкуловска треба да ја повикаат на одговорност.
„Прикривањето на случајот и на доказите од страна на МВР за убиството на Мартин Нешковски, кое се случи на партиската прослава на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотреба на МВР за политичка пресметка и апсење на Љубе Бошковски, како и нејзино директно мешање при одобрувањата за следење на комуникациите. Грубо попречувањето за надзор и контрола над следењето на комуникациите од страна на Собранието“, истакна вчера Горан Мисовски од НСДП. Тој уште образложи дека Јанкуловска се обвинува и дека ја злоупотребила министерската функција и овластувања во изборната кампања што се нотирани во конечниот извештај на ОБСЕ ОДИХР бидејќи имаше конфликт на интереси од позиција на министер и како кандидат но и шеф на изборниот штаб. Исто така, се наведува и дека се злоупотребува полицијата за политичка пресметка против пратеникот Фијат Цаноски со уривањето на станбено деловниот комплекс „Космос“.
Министерката Јанкуловска денеска во интервју за МИА искоментира дека интерпелацијата за неа е без основа и аргументи.
„Во услови кога практично и нема реализиран случај во борбата против организираниот криминал во кој опозицијата не се стави на спротивната страна од институции кои инсистираат на владеење на правото и застана во одбрана на аргументите на осомничените“, реагира Јанкуловка.
|
|