19.04.2012, 17:03

Полемика

Ероле, навистина, доста е...

Паско Кузман

(Повод: Ерол Ризаов, Паско, ти и Господ,
„Утрински весник“, 12-13 април 2012)

Се обидовме да си помогнеме со мислите на авторитетните умови, јас со Стојан Христов и Роберт Фрост преку Георги Старделов, ти со големиот Ерик Хобсбаум и со Димитар Димитров. Но и понатака, секој си стои на своите гледишта

Па, очигледно „и премногу е“. Ете, си ги кажавме своите гледишта, се обидувавме да ги поткрепуваме со други придружни аргументи, со мислења и цитати од други умни луѓе, но толку е. Ти упорно „ме камшикуваш“, повторувајќи го во сите твои текстови, фактот дека се случува „идентитетски земјотрес што ја зафати последните години Македонија, политички стимулираната потрага по пославно минато, антикоманијата и маргинализацијата на словенството“ и уште поупорно тврдиш дека не сум дал „компетентен и јасен одговор на ниту едно прашање“.

Јас пак упорно ти докажувам дека така формулираните прашања свесно се создадени не само од тебе во „нашиов случај“, туку од целата „шеста колона“ на македонската интелигенција која „црнчи грижејќи“ се за нашиот вистински реалитет, спасувајќи го од „страшната власт“. Јас Ероле, упорно те убедувам дека не го маргинализирам словенството, туку го ставам во „реалната бразда“ на македонската земја, јас упорно ти тврдам дека нашиот идентитет е составен од повеќе чинителни сегменти, а не само од словенството и „тврдоглаво“ се обидувам да ти докажам дека културното наследство на една земја и културните слоеви на доминантните цивилизации учествуваат во формирањето на еден идентитет (со ова би се сложил и Ерик Хобсбаум, но ти, секако, не), исто како што стратиграфските слоеви со своите содржини и полнежи имаат еден изглед во вид на профил кој има најдолу здравица (цврста земја, карпа), а нагоре, богати содржини на слоевите и сето тоа е една целина на еден простор.

Јас ова ти го образложив со придружни ставови, но ти ни еднаш директно не го прокоментира, туку ми порача дека не сум компетентен, дека не сум убедителен и дека „раскажувам гачки (подвлеченото е мое) кои немаат ама баш никаква врска со она што е предмет на нашиот обид за полемика“. Па добро, господине Ризаов, нека биде така, ти си во право.

Натака, ти ми велиш, дека за тебе неочекувано, сум ја свртел работата „во заштита и одбрана во актуелната власт небаре таа е навистина најголемо културно богатство и оставштина од минатите векови“. Е, после ова, ти нема лек, мој стар пријателе (ти се чита во мислата злобата и зависта: што мислиш и за мене, и за власта, и за опозицијата). Јас, изгледа пак погрешив, оти во овој наш „обид за полемика“ само еднаш ти образлагав што значи, општо, „создавање на услови“ за реализација на одредени проекти, укажувајќи на тоа дека оваа власт „создава“ такви услови, наспроти претходната и повеќе од предпретходната, кое тебе те погоди право во центарот на твојата животна филозофија. Еве, нека ти биде, пак ти биди во право. Но јас пак ќе си мислам како што си мислам, „тивко во себе“.

Се обидовме, исто така, двајцата да си помогнеме со мислите на авторитетните умови, јас со Стојан Христов и Роберт Фрост преку Георги Старделов, ти со големиот Ерик Хобсбаум и со Димитар Димитров. Но и понатака, секој си стои на своите гледишта. Јас, на пример, дури изразувам и големо задоволство што ти ми ги отвори очите со големите мисли на Хобсбаум, меѓу другото, и со неговото предупредување дека „историјата е суровина за националистички, или етнички или фундаменталистички идеологии како што е афионот суровина за дрогирање со хероин. Ако нема пристојно минато, тоа секогаш може да се измисли“.

Ако нема такво минато, така е, но ако има, ама е задремано, не ќе да е баш така. Но и тоа не е важно. Ероле, ти си во право за се' што планираш да ми го кажеш во врска со овој мој едно��тавен коментар. Ти благодарам и за цитатите од Димитар Димитров. Те убедувам дека одлично го познавам, ги познавам неговите ставови за македонската политичка сцена, за македонската историја, култура и книжевност и јавно изјавувам дека исклучително го почитувам, колку и да се сложувам или да не се сложувам со неговите ставови. Во сега веќе далечната осма деценија од XX век, како уредник во едно охридско списание за литература со наслов „Спизалит“ му објавив еден подолг критичко-есеистички текст за творештвото и идеологијата во Македонија, па благодарение на извесни висококотирачки личности од тој период кои денес „не смеат да бидат лустрирани“, дотрчаа полициски службеници во печатницата и ни ги запленија сите испечатени страници на списанието, за потоа да биде забрането.

Оттогаш го познавам професорот Димитров и бидејќи бевме на „иста линија од фронтот анархолибералистички“, до ден денес си ги почитуваме гледиштата без да мораме да се согласуваме со нив. Неговите две сјајни статии од 2008 година објавени во „Утрински весник“ ги имам отсечено и ги чувам во албум. За да ми се најдат во некое идно време, кога можеби, сите ќе ги преиспитуваме своите сфаќања. Ете и тоа ти го прифаќам.

Ти прифаќам да ме навредуваш и понатака, дека сум „најголем злосторник кој урива царска џамија... изградена пред 500 години како задужбина на Султан Мехмед“ (преку темелите на црква изградена пред 1000 години, е, ако де...), за тоа дека „на Имарет сум бил сам со себе, или со некои овоземни изроди“. (На кого ли мислеше? Сеедно, не е важно). И уште, ми велиш: „Паско, многу диктатори и цареви уривале божји храмови, уривале и терористи, ама јас не знам случај тоа да го направил археолог и со тоа да се гордее“.

Не мислиш, белким, човеку, дека султанот бил терорист па дозволил, и во тоа време, да ја урнат до темел црквата, за да се изгради преку неа неговата задужбина? Не го направи тоа археологот Ероле, туку археологот и оние твои „овоземни изроди“ (македонски), поточно македонскиот народ (по мое мислење), и не се гордеат со тоа, Ероле, туку се гордеат со црквата Светиклиментова што повторно ја воздигнаа „од пепелот“, туку се гордеат со преосветувањето на гробот на Светителот кој беше „погрешно“ презакопан и затрупан повеќе од 500 години.

Ти ќе речеш: „Тогаш, такво било времето!“, а јас ќе речам: „И сега, такво беше времето!“ Тоа многу добро го разбраа турските експерти кои престојуваа во Охрид и на Имарет-Плаошник, тогаш многу добро тоа го разбраа во УНЕСКО, само ти не можеш тоа да го разбереш, Ероле, мој стар пријателе и не сакаш да му простиш на твојот пријател. Но, јас веќе ти простив за сите твои навреди. Некогаш, во некое идно време, како на внуче, ќе ти раскажувам за моите болки од урнувањето на остатоците од задужбината, за моите сентиментални чувства во нејзините сенки, за фотограметриското снимање на секое камче од таа градба (за во случај да посакаме да ја возобновиме) и за секое парче фреска вградено во нејзините ѕидови како градбен материјал (за да сфатиш колку била почитувана мисијата и филозофијата Аврамова) и за да сфатиш колку многу си бил во право кога ме потсетуваш дека „и црквите и џамиите се божји храмови“.

Така е, пак ти си во право. Можеби ќе беше добро, во оваа сентиментална приказна, да се појавеше Димче Коцо, твојот драг професор, па да видевме на која страна ќе застанеше. Сигурно на твојата, Ероле. Ако. Можеби ќе беше добро, исто така, да беше жив и Блаже Конески, па да ни ја посочеше „простата и строга македонска песна“ за да го разбереме „простиот и строг македонски идентитет“. Ти, сигурно, пак ќе ме исмееше, оти, според тебе, со кое право ние него го спомнуваме, „ние немаме право, оти некој од нас го нарекол џуџе (?!)“ Ех, Ероле, ме спопаѓа некаква тага кога ќе си помислам колку не се познаваме!

И бидејќи сега, еве баш сега, од тебе научив дека „секогаш кога во полемиките се бега кон небитни, или помалку значајни детали на непристрасните читатели (да, ова е навистина така, оти многу добро го видов на веб-страната од „Утрински“, како непристрасно реагираат вашите „одбрани“ читатели) им станува јасно кој ја разводнува работата и го напушта мегданот“ и бидејќи минатиот пат јас го спомнав мојот Господ Исус Христос, па поради тоа, според тебе, „веќе нема што ниту да зборуваме, ниту да полемизираме“ јас јавно објавувам дека изгубив од тебе „на мегданот“, ја напуштам таа стерилна стратиграфија, ако сакаш и поразен, оти не те убедив ама баш во ништо, но сепак сум ти благодарен, оти ти ми овозможи слободно да си ги изнесам с��оите сфаќања пред македонската јавност, сфаќања од кои, секако, не се откажувам.



П.с. Те замолувам ти да ја заклучиш „нашата полемика“ за да ставиш „капак“ на македонскиот идентитет, како и првиот претседател на РМ. Бидејќи се трудев да не те навредувам, те молам биди и ти внимателен на тој план.