Сите на нозе по одлуката за Бајруш

Обвинителството најавува барање за заштита на законитоста, а Врховен суд и Судски совет ги проверуваат одлуките

Гордана Дувњак

Одлуката на Кривичниот совет на скопска Апелација да го замени притворот во истражниот затвор на кумановецот Бајруш Сејдиу со домашен притвор и со гаранција од висина од 1,4 милиони евра го крена на нозе правосудниот врв.

Трите највисоки институции, секоја на свој начин, се обидуваат да го спречат излегувањето на тутунскиот бос на слобода. Обвинителството ќе поднесе барање за заштита на законитоста за да се укине одлуката на Жалбениот суд. Врховен суд вчера почна со контрола на предметот на Сејдиу, за кој одлучуваше второстепениот суд, а во текот на денешниот ден ќе ги побара и списите од вториот предмет, кој моментно се наоѓа пред кривичниот суд. Не се рамнодушни ни во Судскиот совет, оттаму најавуваат дека ќе го испитаат овој случај, но и други во кои е примената мерката куќен притвор како начин за обезбедување присуство на обвинетиот.

Во скопска Апелација, пак, остануваат на ставот дека донеле законита одлука. Потенцираат дека Сејдиу не е пуштен да се брани од слобода, туку само му е заменета едната мерка со две други, што гарантираат дека тој нема да побегне од земјата. „Јавното обвинителство на Македонија вчера ја прифати иницијативата на Обвинителството за организиран криминал да поднесеме барање за заштита на законитоста до Врховен суд. Од највисокиот суд ќе бараме да го укине решението на понискиот суд, кој го повредил законот со тоа што применил две мерки истовремено - куќен притвор и гаранција“, ни изјави државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски.

Дека се тресат списите за предметите „Пепел 1“ и „Пепел 2“ за да се утврди дали тричлениот кривичен совет на скопска Апелација постапил правилно, потврдува и претседателот на Врховен суд. „Кривичниот оддел вчера разгледа дел од списите од предметот што го побаравме од Апелациониот суд, а дополнително ќе ги побараме и списите од предметот што се наоѓа во првостепениот кривичен суд. Дури откако ќе ги анализираме сите околности што довеле до донесување ваква одлука, ќе донесеме заклучок“, вели првиот човек на Врховен суд, Јово Вангеловски, кој вчерашните активности на колегите-кривичари ги смести во доменот на „контрола на работењето на пониските судови“. Но, сепак, призна дека мотивот бил актуелноста на целиот случај и бројните реакции што ги предизвикал.

Сличен став вчера слушнавме и од претседателот на Судски совет, Васил Грчев, кој рече дека нема да навлегуваат во законитоста на одлуката, бидејќи е тоа работа на повисокиот суд, но, сепак, ќе го преиспитаат користењето на институтот домашен притвор. И тоа не само за овој конкретен случај, туку и за други.

Во скопскиот Апелационен суд вчера никој не сакаше официјално да ја коментира одлуката, а уште помалку реакциите од МВР и од политичките партии, како и отворените алузии за корупција како мотив за донесување таква одлука. Сепак, од она што може да се слушне, тие се доживуваат како притисок и удар врз независноста на судството. Оттаму се прашуваат како може да се тврди дека Сејдиу ќе побегне кога се предвидени двојни гаранции, а тие веднаш се активираат ако не се јави на првото судење. Потсетуваат дека целиот имот на Сејдиу е запленет, тој се' уште се наоѓа во притвор во „Шутка“, а ќе се упати на домашен притвор дури откако ќе се запишат хипотеките на имотот што го понудиле неговите пријатели, како и откако ќе се уплатат 110.000 евра.

Еден од аргументите на судиите е дека за околу два месеца на Сејдиу по сила на закон му истекува притворот по поднесено обвинение, кога тој мора да биде пуштен да се брани од слобода. „На судиите им се забележува дека лесно посегнуваат по притвор, а кога ќе применат други алтернативни мерки, по нив се фрла со дрвја и камења“, велат судиите. (г.д.)


#