06.10.2011, 17:29

Не' задолжија со нови 63 милиони евра

Во вторникот биле организирани три аукции на тримесечни и на шестмесечни државни записи

Нина Нинеска-Фиданоска


Дури и новинарите веќе не можат да постигнат дневно да ги следат задолжувањата на државата на домашниот пазар. Нов долг кај банките во земјава од 63 милиони евра се направени во вторникот, оваа недела, преку аукции на тримесечни и на шестмесечни државни записи.

Дали причината за последното зајмење се пензиите, за кои стана речиси практика државата прво да се задолжи, па потоа да легнат на пензионерските сметки, или фактот што стасуваат за наплата обврски од претходни аукции во износ од 65 милиони евра? Како и да е, исплатата на заслужениот месечен прилив на кој македонските пензионери му се израдуваа вчера и буквално ги окупираа банкарските шалтери за да си го подигнат, следува два дена по најновиот заем. Но, како што се задолжува државата, така и' стигнуваат за враќање „стари цехови“, односно записи кои претходно биле емитувани, а доспеваат за наплата во овој период. Па така, откако во вторникот „собра“ 63 милиони евра од банките, веќе наредниот ден, односно во средата, министерството за финансии морало да врати 65 милиони евра.

Иако јавно им вети на бизнисмените дека малку ќе „попушти“ со задолжувањата на домашниот пазар, со цел да не ги врзува слободните пари на банките кои би можеле да бидат доделени во форма на кредити кај компаниите, Владата никако своите декларативни заложби да ги реализира и во пракса. Сега веќе ретко кој и зборува за овие владини потези, па дури стивнува и гласот на бизнис заедницата, а аукциите на државни записи продолжуваат со несмалено темпо. На нив државата се потпираше и во претходниот период, а вообичаено се организираа на почетокот на месецот, но и во други тајминзи.

Аналитичарите кои критички ја опсервираат работата на Владата, не се согласуваат со постојаните задолжувања. Според нив, најголемиот проблем е што долговите во последниов период се направија за крупни проекти, како што се спомениците, како и патишта на одредени локации, но тие не носат поврат на приходи, што мора да е приоритет кога се оди на задолжување.

„Од една страна, факт е дека Владата во текот на целиот свој мандат, но со посебен интензитет оваа година, гради крупни проекти и не е спорно дека со нив го смени ликот на главниот град. Дали тоа естетски изгледа убаво, е прашање на вкус, но факт е дека се изградија многу објекти. Но, да ги поставиме вака работите. Ако едно просечно семејство зајми 50.000 евра за да го реновира станот, исто така ќе го смени изгледот на својот дом и тој ќе изгледа топ. Но, тоа значи дека ова семејство автоматски се откажало од својата иднина на сметка на својата сегашност. Така и премиерот Никола Груевски се откажува од дел од иднината на земјата, на сметка на сегашноста. Најголем дел од објектите што се изградија, ќе носат нула приходи во иднина, а за нив се направија задолжувања. А, кога се зајмат пари, најбитно што се гледа е дали тој проект ќе носи поврат на приходи“, вели Ден Дончев, кој ги следи економските случувања во земјава.

Според него, она што сега се случува - задолжувања за проекти кои не ги враќаат парите, односно немаат економска рентабилност, „е рецепт за водење на државата кон банкрот“. Задолжувањето на иднината на државата на сметка на сегашноста, вели овој експерт, граѓаните сега не можат да го почувствуваат, но тоа ќе се случи во иднина, бидејќи бесплатен ручек едноставно не постои, што се покажа и на примерот во Грција. Зошто Владата постојано е принудена да организира аукции на државни записи, односно да се зајми на домашниот пазар, што вообичаено се случува во периоди пред исплата на пензиите? „Бидејќи Македонија не живее во рамките на своите можности. Кога тоа го прави една држава, мора или да се задолжува, или другото решение е да продава имот“, објаснува Дончев.

Инаку, технички, државата во вторникот организирала три аукции. Едната за тримесечни државни записи со евро клаузула, со камата од 4,1 отсто, на која се задолжила за околу 21,5 милиони евра. Притоа, банките од нив купиле 64 проценти, а другите инвеститори со 36 проценти. На втората аукција на тримесечни записи, но без девизна клаузула, со камата од 4,2 отсто, задолжувањето е 27,4 милиони евра. Најголем дел од хартиите ги купиле банките и тоа 90 проценти. Третата аукција била за шестемесчни записи, со евро клаузула и со камата од 4,1 отсто, тука државата сакала да се задолжи повеќе, односно за 23,5 милиони евра, но купувачите не „загризале“ целосно, туку само за 13,8 милиони евра. Банките од овие записи не купиле воопшто, а целиот износ го лапнале другите клиенти. Така што, вкупното задолжување е околу 63 милиони евра.

Инаку, додека не престануваат задолжувањата на домашниот пазар, во вториот квартал од годинава беше регистриран и раст на надворешниот долг на земјава, за 124 милиони евра. Министерот за финансии Зоран Ставрески објасни дека тоа се должело на фактот што во тој период биле книжени средствата од кредитот од ММФ, но дека Македонија, според јавниот долг, и натаму влегува во категоријата ниско до умерено задолжени држави. (Н.Н.Ф.)