И Иванов се сретна со Папандреу

Астана - Претседателот Ѓорге Иванов вчера на маргините на Самитот на ОБСЕ во Астана имаше кратки неформални средби со грчкиот премиер Јоргос Папандреу и со шефот на дипломатијата Димитрис Друцас, како и со претседателите на Србија, Борис Тадиќ, на Албанија, Бамир Топи, и на Бугарија, Георги Прванов.

На средбите, како што брифираа претставници на Кабинетот на Иванов, биле разменети информации и мислења за актуелните состојби во сопствените земји и се договарани следните чекори во соработката, како билатералната, така и регионалната.

ОБСЕ имаше значајна улога во Македонија, заврши добра работа и помогна земјата од корисник на услугите да стане придонесувач за нејзините цели – промоција и ширење на зоната на мир, стабилност и безбедност, истакна Иванов во обраќањето на Самитот на ОБСЕ.

„Македонија денес е уникатен пример на мултиетнички соживот, на инклузивна демократија, модел што ни овозможи да бидеме контрибутор во безбедноста и стабилноста. Земјата значајно придонесува не само за регионалната стабилност и соработка, туку и за поширокиот мир и безбедност како што е, на пример, во Авганистан“, нагласи македонскиот претседател.

Шефот на македонската држава имаше билатерални средби и со британскиот министер за Европа, Дејвид Лидингтон, и со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек.

Иванов го информирал британскиот министер за актуелностите во процесот за надминување на разликите со Грција околу името. Изразил надеж дека Македонија ќе има еднаков и фер третман од ЕУ и оти позитивните примери на паралелно движење на двата процеса ќе бидат применети и во овој случај.

На средбата со Волебек, пак, се зборувало за обезбедувањето интегриран образовен систем во Македонија.


#