СДСМ: Семејството Груевски имало шест стана

Премиерот Никола Груевски вчера доби ново обвинување од социјадемократите. Портпаролот на Изборниот штаб на СДСМ, Гордан Георгиев, излезе со тврдења дека семејство Груевски во периодот од 2000 до 2002 година поседувало не четири стана, туку шест со што премиерот покажал дека „пет години дрско ја лаже јавноста дека е чесен и дека не ја злоупотребува власта за личен профит“.

Според Георгиев, двата стана се наоѓале на улицата „Владимир Комаров“ со површина од 124 квадрати, потоа семејството Груевски имало два стана на „Бихаќска“ со вкупна површина од 143 квадрати, еден е на „Васил Ѓоргов“ од 86 м2 и еден стан од 57,29 квадрати е на непозната адреса, а сите се со големина од 410 квадрати.

Забележувајќи дека целата прикаска со становите на семејството Груевски не завршува тука, Георгиев информираше дека завчера со анонимно писмо, потпишано од разочаран член на ДПМНЕ, добиле уште една информација  за имотната состојба на семејство на премиерот. „Во писмото се наведува дека во зграда на Водно, под „Панорама“, како сопственик на недвижен имот се јавува Ѓорги Груевски, брат на премиерот во заминување. Јавноста го запозна братот на премиерот кога Владата отвори нов факултет за дизајн и мебел за Ѓорги Груевски да стане продекан за финансии.  Скандалот да биде уште поголем, братот на Груевски го поседува имотот во елитната населба во објект што го градела градежна фирма блиска до бизнис-миленичето на фамилијата, Орце Камчев“, изјави Георгиев.

Нецел час по прес-конференцијата на „Бихаќска“, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ: „Ова е 180 пат како СДСМ зборат за истото. Мислат дека граѓаните ќе им поверуваат. Ова е класично дезинформирање на јавноста на само неколку дена пред изборите. Не можевме ништо друго да очекуваме во оваа гнасна кампања што ја води СДСМ и нивниот коалиционен партнер А1. Целата нивна кампања се базира врз брутални местенки и лаги“, возврати Зоран Петревски. (Б.Ј.)


#