Возачите на ЈСП со насмевка ќе ги пречекуваат патниците

Претпријатието подготвува кодекс на однесување, а возачите ќе одат и на специјална обука
Снежана Калабакова
Возачите од јавното сообраќајно претпријатие својот нељубезен однос кон патниците во иднина ќе мора да го заменат со насмевка и со поздрав. Нема да смеат да влегуваат во вербални конфликти со граѓаните, што беше чест случај досега. За нив патниците секогаш ќе треба да бидат во право и ќе мора да ги прифаќаат сите нивни забелешки. Не ќе смеат да пушат, долго да водат приватни телефонски разговори и нема да смеат да го напуштаат возилото за да завршат приватни обврски, а задолжително ќе биде и носењето униформа.
Што ќе биде дозволено, а што нема да смеат да прават возачите ќе биде утврдено со кодекс на однесување, кој е во подготовка и треба да биде усвоен од Управниот одбор на ЈСП. Правилата на однесување на возачите и на патниците ќе важат во старите и во новите автобуси на ЈСП што треба да пристигнат. Истовремено, вкупно 600 возачи, колку што се работно ангажирани во претпријатието, ќе треба да поминат специјална обука за убаво однесување, што ќе ја спроведе специјализирана агенција избрана на тендер. Од ЈСП велат дека по 62 години постоење ова е прв пат возачите да добијат кодекс на однесување и да поминат специјализирана обука. Однесувањето на возачите, но и на патниците ќе го контролира внатрешната контрола на претпријатието, која против прекршителите ќе презема дисциплински мерки.
„Често пати граѓаните се жалеа на односот на возачите, а имаше и вербални конфликти меѓу нив дури и поради забелешка дека автобусот доцни. Возачите нема потреба да се објаснуваат со патниците и за нив во иднина тие секогаш ќе бидат во право. Кодексот на однесување ќе мора да го почитуваат сите вработени, бидејќи тој не се однесува само на возачите. Ќе се знаат точно сите правила на однесување во претпријатието. Во автобусите, секако, соодветно ќе треба да се однесуваат и патниците“, вели Билјана Јанкуловска, портпарол на ЈСП „Скопје“ и додава дека граѓаните за поднесените жалби на односот на возачите ќе имаат право да добијат одговор во рок од 15 дена.
И додека кодексот на однесување за возачите е во подготовка, претпријатието на својот веб-сајт www.jsp. com.mk веќе ги постави правата на патниците и ги истакна нивните обврски. Родителите со детски колички ќе мора да водат сметка да не им пречат на другите патници и ќе треба да знаат дека прво се качуваат и се симнуваат децата. Ослободувањето место за седење на бремени жени и на повозрасни лица, на што речиси и не се внимава, ќе се врати како правило на однесување. Повеќе нема да се толерира насилно отворање на вратите од страна на патниците ниту, пак, ќе се дозволи разговор со возачот. Патниците, исто така, не ќе смеат да јадат и да фрлаат отпадоци во автобус, да пуштаат гласна музика или гласно да разговараат на мобилен телефон. За нив ќе биде забрането и носењето запаливи материи и оружје. |