„Комунална“ ќе се поднови со возила за 130 милиони денари

Ќе се купуваат 12 возила за собирање смет, кипери, цистерни за миење улици
Советот на Скопје по подолго натегање меѓу позицијата и опозицијата ја поддржа инвестициската програма на „Комунална хигиена“, која предвидува набавка на нови возила во вредност од 130 милиони денари. Новите возила за подигнување на сметот би требало да ја заменат дотраената механизација, која едвај ги задоволува потребите на градот.
Сепак, и покрај очигледната потреба да се инвестира во „Комунална хигиена“, во Советот се разви едночасовна дискусија која резултираше со воздржано гласање на опозицијата. На дел од советниците програмата на „Комунална“ им се виде многу амбициозна, иако директорот Ракип Дочи образложи дека сите планирани набавки се неопходни за нормално функционирање на претпријатието. „Во Загреб, град со 800.000 жители, сметот го собираат 110 камиони, а во Скопје имаме едвај 10 или 12 возила кои се веќе амортизирани, а мораат да работат во три смени“, објасни Дочи.
„Комунална хигиена“ треба да инвестира во 12 нови комунални возила за собирање смет, кои чинат 62 милиона денари, потоа во кипери, цистерни за миење улици, како и две возила за подигнување амбалажа и хартија. Вкупната инвестиција за сите планирани набавки на возила е околу сто милиони денари.
На седницата, која е продолжение на истата на која се расправаше за проектот „Скопје 2014“, точка на дневен ред беше и субвенционирањето на „Комунална хигиена“ за реализација на програмата за третман на бездомни кучиња. Јавното претпријатие доби помош од Градот Скопје од три милиони денари за реализација на програмата во изминатите четири месеци кога биле истретирани околу 1.100 бездомни животни.
И за оваа точка опозицијата и позицијата имаа различни гледишта, а повеќето советници во дискусиите лицитираа со бројки колку кучиња скитници има на градските улици. Генерален заклучок е дека бројката, и покрај неколкугодишниот третман на бездомниците, не е драстично намалена. Советниците побараа во иднина да се воведе и регистер на домашни миленици поради се' позачестените случаи нивните сопственици да ги пуштаат на улица откако ќе одлучат дека не сакаат повеќе да ги чуваат. (С.Н.) |