Македонските мозаици маргинализирани од државата
,,Никаде нема точни податоци за нивната квадратура“, вели конзерваторот Драган Верговски
Битола - Мозаик стар 16 века, дел од античкиот град Херклеа Линкестис се спасува од умирање. Оштетен е над деведесет проценти и е се наоѓа во катастрофална состојба. Експертите сметаа дека во Македонија мозаиците се на маргините на листата за заштита, што ја отсликува незаинтересираноста на државата за ова културно наследство. Згора на се, во државата на прсти се бројат стручните кадри за конзервација на мозаици. На исклучително ниски температури, во период кој не е наклонет за изведување на работи на отворено, Заводот за заштита на културно наследство и Музеј - Битола, под шатори започна со конзервација на мозаикот на површина од 30 метри квадратни, кој е дел од ранохристијанска базилика, сместена на јужната страна од античкиот град. Објектот потекнува од 5 век од нашата ера, а откриен е во шеесеттите години на минатиот век. Од тогаш па до сега, тој единствено се одржувал покриен под песок.
„Мозаикот е како монистра. Едно камче ако почне да се вади, по него одат сите други. Овој објект од шеесеттите години константно е покриван со песок и одржуван, но колку е одржуван, покажува самата површина . Мозаикот е пред умирање. Мозаичната површина се одвојува од првиот малтер, кој претежно е составен од толчена тула. Ургентно ги извадивме сите пломби и оштетувања и нанесени се нови, бидејќи сакаме да биде што поцврст. Мора да се направи таа кохезија за мозикот да остане и понатаму составен дел на просторијата“, вели Драган Верговски, виш конзерватор од Националниот конзерваторски центар во Скопје. Верговски три децении е единствениот стручњак за конзервирање на мозаици во државата, а за споредба со актуелната ситуација ја посочува соседна Албанија каде има над десет конзерватори на мозаици.
Експертот оценува дека Македонија нема стратегија за заштита на мозаиците, иако се едни од најзначајните артефакти. Тој предупредува дека мора под итно да се најде вистинскиот начин за нивна грижа, бидејќи ова национално богатство не може вечно да се чува под песок, далеку од очите на посетителите. Како еден од начините за нивна заштита, предлага над мозаиците да се по��тават кровови.
,,Мозаиците во Македонија се на маргините, никаде нема точни податоци за нивната квадратура во државата, секој кажува од око. Тие за западните земји се скапа работа, а тука се е паушално, иако мора да бидат евидентирани до милиметар квадратен, како технички така и со сите документи. Ниту од Управата за заштита на културното наследство не може да ви го кажат точниот податок. Од друга страна, секоја просторија првобитно била заштитена и ставена под кров. Не може мозаиците во Македонија да стојат со векови под песок“; предупредува Верговски.
Не само што отсуствува соодветната грижа за македонските мозаици, туку надлежните речиси и да не располагаат со податоци за нивната историја. Сите факти за последниот мозаик што се реставрира во Херклеа се чуваат во белградскиот музеј. Досега никој не се сетил да ги побара.
,,Институцијата не поседува многу информации бидејќи истражувањата своевремено ги вршеше Националниот музеј од Белград Имаме контакти со нив и очекуваме идната година да ги реализираме. Ќе одиме во Србија да ни ја дадат целата документација што тие ја поседуваат за овој мозаик, но и за се она што се случувало тогаш. Ќе бараме и копии од сите атрефакти што сега ги красат нивните витрини, зошто тие дефинитивно се наши“, вели директорот на Завод и музеј Битола, Зоран Николовски. Комплетната реставрација на мозаикот се очекува да заврши напролет. (А.Б.) |