Тоне бродот на старите партнери на Груевски
Превирањата почнаа кај НСДП, потоа турбуленциите ги зафатија либералите, а сега со раскол се соочува ДПА
Оливера Војновска
Додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, премиерот Никола Груевски уживаат во популарноста, која според анкетите, се' уште е на високо ниво, нивните поранешни коалициски партнери се соочуваат со силни потреси. Превирањата најнапред почнаа кај новите социјалдемократи на Тито Петковски, потоа турбуленциите ги зафатија либералите на Стојан Андов, а сега со раскол се соочува довчерашниот традиционален сојузник на ВМРО-ДПМНЕ во албанскиот блок - ДПА на Мендух Тачи.
Интересно е што партиите на Петковски, Андов и Тачи виновникот за проблемите во сопствениот двор го препознаа во ВМРО-ДПМНЕ. Трите партии го обвинија Груевски дека со непристојни предлози ги мотивирал „расколниците“ во нивните редови. Премиерот во старт се огради дека се работи за внатрепартиски превирања и оти нема ништо заедничко со таквите случувања. Сепак, неистомислениците со политиките на Петковски и на Андов, веднаш побараа приклучок со власта. Повеќето од нив се на листа на чекање, а некои успеаја во намерата.
Најдалеку во обвинувањата кон Груевски отиде Петковски, кој додека беше во Владата, го повика премиерот да не му ги купува пратениците. Поводот за ваквите тврдења беше трансферот на експратеничката Мирјана Секуловска од НСДП во ВМРО-ДПМНЕ. Во новата Влада, Секуловска стана заменик-министер за информатичко општество.
За време на изборите, откако Петковски влезе во коалиција со СДСМ, во НСДП се случи вистински земјотрес. Двајцата поранешни министри за одбрана и економија, Лазар Еленовски и Вера Рафајловска и експратеникот Веле Митановски, незадоволни поради сојузништвото со СДСМ, најпрво објавија фракција и и' искажаа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. А по нивното исклучување од НСДП направија нова партија - Социјадемократска унија. Откако пропадна обидот за заедничко дејствување со Еленовски, посебна партија - ПОДЕМ, направија и довчерашниот вицепремиер за образование, Живко Јанкуловски, и Благоја Марковски.
И кај либералите бродот почна да тоне во предизборието, и тоа уште со соопштувањето на намерата на Андов да ја напушти портокаловата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и да влезе во сојуз со СДСМ. Приврзаниците на Зоран Крстевски, Слободан Даневски и ексминистерот за труд и социјална политика, Љупчо Мешков, не се согласуваа со раскинувањето на дружбата со ВМРО-ДПМНЕ и бараа смена на Андов. По изборите Андов самиот се повлече од лидерската позиција, но во ЛП работите не се смирија. Двете струи одржаа паралелни конгреси. Едните го избраа Крстевски за претседател, а другите Борче Василевски и се' уште се бие правна битк�� за тоа кој е правен наследник на ЛП. Андов ја задржа пратеничката функција, меѓутоа барем засега не е многу активен во парламентот.
По завршувањето на изборите, се потврдија шпекулациите за турбуленциите во ДПА, кои испливаа на површина во периодот кога Тачи излегуваше од Владата. Тогаш се зборуваше дека Имер Селмани се противел на ваквиот потег. По изборниот пораз, медиумите објавија дека дипломатите, наводно, притискале Тачи да ја напушти лидерската позиција, а на негово место да дојде Селмани. На ваквата информација следуваше експресен демант од некои странски амбасадори.
Пред десетина дена Селмани, по жолчната седницата на Централниот одбор на ДПА, најави дека заминува од ДПА и ќе прави нова партија. Само неколку часа претходно тој на прес-конференција даде една изнасилена изјава во која ги премолча силните несогласувања и караници со Тачи. Заедно со него ДПА досега ја напуштија уште двајца пратеници - Сулејман Рушити и Абедин Зумбери, а Селмани е оптимист дека ќе направи пратеничка група. Причините за заминувањето од ДПА, по 12 години поминати во партијата, тој ги лоцираше првенствено во отсуството на внатрепартиска демократија, отворањето конфликти со опозициските партии и со меѓународните институции.
Реакцијата од ДПА беше дека Селмани го прави ова со поддршка од Груевски кој, наводно, му ветил учество во власта. И Селмани и Груевски ги негираа таквите наводи. Селмани тврди дека најмалку му е важно дали ќе биде во власта или во опозицијата. Набрзо ќе се види дали ќе биде така. |