Обама го состави економскиот тим
![](WBStorage/Articles/C7AEDC6531645147B47B4759CD49ADCC.jpg)
Идниот претседател на САД го нагласи значењето на навремено составување силен финансиски тим
ЧИКАГО - Новоизбраниот американски претседател Барак Обама ги претстави постарите членови на неговиот економски тим, именувајќи го претседателот на Њујоршката банка на федерални резерви, Тимоти Гајтнер, за секретар за финансии.
Во услови кога американските берзи се на најниско ниво за пет години, американските автомобилски компании се на работ на пропаст, а милиони Американци се погодени од затворање на работните места и одземање на домовите, новоизбраниот претседател Барак Обама го нагласи значењето на навремено составување на неговиот финансиски тим.
„Се соочуваме со економска криза од историски размери. Нашите финансиски пазари се под стрес. Купувањата нови куќи во октомври беа најниски за половина век. Неодамна беа поднесени повеќе од половина милион пријави за невработеност, што е највисока стапка за 18 години. Ако не реагираме брзо и смело, повеќето експерти се уверени дека би можеле да загубиме милиони работни места идната година“, рече тој.
Претседателот на Њујоршката банка на федерални резерви, Тимоти Гајтнер, е изборот на Обама за шеф на американското Министерство за финансии. Гајтнер има широко искуство во многу различни области на американската банкарска индустрија. Новоизбраниот претседател се надева дека неговото именување испраќа порака дека новата администрација има разбирање за прашањата кои го погодуваат финансискиот сектор. „Обемното меѓународно искуство го прави Тим единствено погоден за таа работа. Израснал делумно во Африка и живеел и работел низ Азија, ја извршувал функцијата потсекретар за финансии и за меѓународни прашања, една од многуте улоги на меѓународната сцена; ги изучувал и кинескиот и јапонскиот јазик, и со тоа Тим го разбира јазикот на денешните меѓународни пазари на повеќе од еден начин“, рече Обама.
Покрај тоа, Обама најави дека поранешниот секретар за финансии, Лери Самерс, искусен член на администрацијата на Клинтон, е неговиот избор за шеф на Националниот економски совет, позиција која ќе го направи еден од главните економски советници на Обама. Обама се надева дека двата избора брзо ќе бидат изгласани во Конгресот, за да можат веднаш да работат на планот за стимулирање на американската економија и финансискиот пакет а спасување на автомобилската индустрија на САД.
Меѓутоа, за промените во администрацијата има уште два месеца. Дури претседателот Џорџ Буш, кој штотуку се врати од самитот на Азиско-пацифичка економска сораб��тка во Перу, вели дека актуелниот секретар за финансии, Хенри Полсон, тесно соработува со новоизбраниот претседател Обама, за реакцијата на владата да инјектира 20 милијарди долари во заглавениот финансиски гигант „Ситигруп“. „Полсон тесно соработува со преодниот тим“, рече претседателот Буш. „Важно е американскиот народ да знае дека постои тесна соработка. За нас е важно да го заштитиме финансискиот систем, и тоа е првиот потребен чекор“.
Новоизбраниот претседател, исто така, најави уште две именувања за пополнување на неговиот финансиски тим. Економскиот експерт Кристина Ромер ќе биде претседателка на Советот на економски советници на Обама, а политичкиот експерт Мелоди Барнс ќе работи како директор на Советот за домашна политика. (Глас на Америка)
|