Мислења
Каде е Хисен?
Филип Петровски
Речиси се' што се случува на политичката сцена во Македонија е фарса и замачкување на очите на јавноста
Деновиве повторно случувањата кај нас и околу нас се со голем интензитет. Интересно е како се одвиваше завршната фаза за признавање на Косово (што се случи во четвртокот навечер). Бидејќи нас не' интересира димензијата на хроничност, ќе се обидеме да разгледаме неколку настани кои се поврзани со признавањето на Косово од наша страна. Имено, веќе три недели наназад се подготвував да пишувам за четирите хашки случаи на воени злосторства кои Трибуналот и' ги врати на нашата држава. За жал, од некои други настани и поради малиот простор, не можев да го сторам тоа.
Да потсетам дека во исто време со ова се случи и масовното труење во слаткарницата „Ринија“, кое на парадигматичен начин отслика некои текови на работите внатре во државата. Паралелно со ова се случуваат и нашите преговори во ООН, околу кои се изнагледавме и изнаслушавме караници и префрлување одговорност колку што сакаме и не сакаме. Како епилог, добивме разединет став на државниот врв и една слика што укажува на тоа дека во Њујорк можеби преговараат три или повеќе страни, а не две. Раскараноста до крајни граници на сите актери и обвинувањето (од сите страни) за предавство на интересите на државата веќе станаа толку дегутантни што верувам ретко кој е во можност без нервоза да ги следи новинските извештаи на тема...
Поради ова, навистина не можев, објективно, да се зафатам со пишување на темата за хашките случаи. Клопчето почна прво да се одмотува од случајот на малтретирањето на градежните работници од „Маврово“. Но, животот често знае да си поигра со сите нас. Така, во меѓувреме, еден од изживувачите, главен актер, станал пратеник во македонското Собрание. Можеби на некој начин е добро што не пишував на оваа тема три недели и наместо тоа ја проследував внимателно. На овој начин можев да видам и да се убедам дека речиси се' што се случува на политичката сцена во Македонија е фарса и замачкување на очите на јавноста. Актерот Хисен Џемаили, во почетниот период на притисок, јавно се изјасни дека нема да побегне, дека редовно ќе се јавува на судските покани и дека доброволно се откажува од својот пратенички имунитет. Ова звучеше прилично убедливо и благопријатно за јавноста. Сите камери беа тука, сите известувачи ја раширија веста. За момент некои од нас останаа со едно чувство дека работите во државава добиваат некој нормален тек и дека тоа што треба да се решава и пресудува навистина и ќе се случи. Драгиот Хисен требало да знае дека гравирањето на иницијалите на УЧК на грбовите на кутрите работници, како и сексуалното злоупотребување, не е стекнување сопствени права, освен ако не живееме во џунгла. Кога-тогаш правдината мора да дојде. Затоа за момент изгледаше дека и тој сака да се справи со сопствените демони и (ако е можно) да ги остави зад себе, со своето доброволно соочување со правдата.
Намерите, сепак, не биле толку многу искрени. Веќе пред почетокот на октомври тој исчезна. Откако слободно се шеташе низ македонското Собрание, во центарот на Скопје, тој одеднаш стана недостапен за државните органи. Не е приведен. Нема сцени, слики со лисици во ударните вести... Сето тоа покажа дека Хисен во ниеден момент немал намера да се посвети сериозно на случајот, туку дека цело време, преку својата партија, се обидувал да се пазари. Односно, неговиот случај и другите три да се подведат под Законот за амнестија. Парадата пред камерите само требало да обезбеди некој ден повеќе додека се најде, подобро кажано, да се измисли некаква можност случаите да се протнат низ иглените уши на амнестијата. Развојот на настаните покажа дека, сепак, не ќе биде толку лесно да се убедиме дека случувањата биле дел од борбата за „човечки правдини“. Јавноста се' уште јасно и со горчина се сеќава на случаите. Згора на тоа, Трибуналот со враќањето даде јасна назнака дека треба да се постапува по случаите.
Кај што има сила, нема правда. Владејачката ДУИ, политички трансформираната УЧК, знае дека силата може да компензира многу елементи кои можеби моментно недостигаат во мозаикот. Токму затоа три недели фокусот на нивното дејствување беше да се докаже по секоја цена дека овие случаи се само вообичаен дел од военото милје и нешто сосема нормално. Намерата е да се спакуваат сите случаи во Законот за амнестија и со тоа да се ослободат сите од товарот. Се добраа до власта и сега сакаат да уживаат во неа. Зошто сега некој да им пречи? Морам да кажам дека е провидно ПР-пакувањето што го сервира невиното лице на нивната портпаролка. Всушност, зошто мислат дека се' може да помине само ако се изрецитира милозвучно? Толку ли не' сметаат за плитки? Ни се смеат ли зад ѕидовите на партиските простории?
Откако дел од македонската јавност не успеа целосно да биде хипнотизирана, црвените копчиња се запалија. Мора да се побара некој друг излез од оваа мачна ситуација на судење воени злосторници кои направиле само „мало“ злосторство против човештвото. Следната фаза беше т.н. меѓународна експертиза. Демек, нашите експерти не се доволно експерти, па затоа се потребни меѓународни да ни кажат како да се справиме со овие случаи. Во игра се врати и прочуениот Питер Фејт. Али Ахмети побарал од него меѓународна правна експертиза за случаите.
И така, додека секојдневно сме бомбардирани од некои нови елементи на барањето излез за злосторниците против човештвото, некако без многу гласност си помина информацијата дека најмалку еден од малтретираните работници починал. Неговите познајници, секако, плашејќи се отворено да говорат пред камери, истакнувале дека малтретирањето на УЧК му го уништило животот на овој човек. Никогаш потоа не се повратил. Неговата сопруга нагласи дека човекот не сакал да гледа вести зашто го разочарувале информациите поврзани со неговиот случај. Меѓународната експертиза која сега Ахмети ја бара треба да ја покрие оваа трагедија со пепел и сите ние да се правиме дека ова било само една воена епизода во 2001. Можете ли да преминете преку ова, без да очекувате правда?
Редовите летаат. Повторно останувам покус за простор да опфатам уште некои елементи од овој галиматијас наречен „наша живејачка“. Не успеав да ги спојам елементите на откорнувањето на камењата од границата кон Косово. Настаните повторно ме испреварија. Веќе во наредното пишување уривањето ќе треба да го гледам и низ призма на признавањето на таа држава, односно како притисок кој, како што гледам, се исплатеше.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk
|