Промовиран спотот за Охрид - градот на светлината
Режисерот Душан Дракалски, продуцентот Филип Димитров и Сашо Пешев од „New Moment“ на вчерашната промоција
Видеоприказната за „Охрид - градот на светлината“, изработена според старото име на градот, Лихнидос-град на светлината, вчера го промовираше маркетинг агенцијата „New moment New Ideas Company“, во рамките на проектот на Владата на Република Македонија.
Приказната за впечатливиот град со историја, за Балканската лулка на уметноста, религијата и културата, за градот на бисерите и добрата храна, раскажана е низ визуелната игра на сенки и светлина, според идејната замисла на авторскиот тим на „New Moment“. Спотот е наменет за туристичка промоција на Охрид во светот, притоа прикажувајќи го минатото, но и современото лице на градот како модерен туристички центар што нуди добра забава за потенцијалните странски туристи.
Автор на сценариото и режисер на спотот е Душан Дракалски, корежисер е Марко Ѓоковиќ, директор на фотографијата е Слободан Трник, фотограф е Ѓорѓи Клинчаров, а продуценти на спотот се Филип Димитров и Горан Саздановски.
Спотот е снимен на впечатливи локации како Плаошник, целото Трпејца, Св. Наум, куќата на Робевци итн., кореографијата е на Рисима Рисимкин, а во него учествуваат Каролина Гочева, Мето Јовановски и Николина Кујача.
Приказната за Охрид од денеска ќе се емитува на CNN, во две верзии од кои за првата е искористена музиката на групата „Фолтин“, а за втората музиката е на Дуке Бојаџиев. (Н.П.) |