Партиите се загреваат за локалните избори
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ подготвуваат анализи, СДСМ е постојано на терен, а ЛДП излезе со самостојна платформа
Светлана Унковска
Пет месеци пред локалните избори е неизвесно кој се' од партнерите на коалицијата „Сонце“ ќе настапи заедно со социјалдемократите. Изминативе денови СДСМ е постојано на терен за да ја скенира состојбата на локално ниво, а ЛДП најави дека во текот на неделава јавно ќе ја промовираат сопствената платформа за локалните избори, а евентуалниот настап во коалиција ќе зависи од тоа дали ќе биде прифатена нивната платформа.
И во владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ признаваат дека се подготвуваат за претстојните избори што треба да се одржат на 15 март идната година, со тоа што моментално ги прават првите процени и анализи на успешноста на актуелните градоначалници, по што ќе се знае во кои општини ќе одат со истите кандидати, а каде се потребни нови имиња.
Социјалдемократите деновиве интензивно одржуваат средби со граѓаните, а веќе започнаа и со регионални активности. Викендов в.д. претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со градоначалниците од Третата изборна единица го посети Штип од каде што порача дека овој пат на изборниот мегдан ќе настапат многу посилни отколку на парламентарните избори во јуни годинава.
„Имаме намера да излеземе со квалитетни решенија на локалните избори, пред се' во понудата на нашите програми за изборите, заради самата сериозност што ја носи локалната власт“, изјави Заев. Во СДСМ планираат целиот овој процес на анализирања, средби на општинско и регионално ниво, како и на договорите со партиите од коалицијата „Сонце“ да заврши до 15 декември.
Од партијата велат дека засега нема некои посериозни контакти со другите партнери, но очекуваат дека наскоро ќе се знае кои од партиите ќе останат во коалицијата заедно со СДСМ, а со тоа и со кои кандидати ќе излезат на изборите во март.
По неофицијалните навестувања дека долгогодишниот коалициски партнер ЛДП планира да истрча самостојно на општинските изборите, вчера лидерот на партијата, Јован Манасиевски, заедничкиот настап со претходниот тим го услови со прифаќање на нивната платформа за локалните избори.
„Ќе соработуваме со сите кои се согласуваат со нашата платформа. По промоцијата на платформата во јавноста, што ќе ја имаме во текот на неделава, со сите партии кои ќе ја прифатат ние сме подготвени да соработуваме со нив, независно дали се од власта или од опозицијата. Доколку партнерите од претходните парламентарни избори ги прифатат сите овие предлози, тогаш нема апсолутно никаква причина да има целосна и успешна соработка“, изјави Манасиевски.
Партиски извори тврдат дека веќе почнале да се вртат имиња како можни кандидати за градоначалници и за советници. Како готови кандидати се вртат градоначалник на Велес, Аце Коцевски, кој веќе има два мандата, како и поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, за кого била резервирана кандидатурата за Градот Скопје.
Според атмосферата во владејачките ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ, се чини дека таму состојбата е посмирена. И од двете партии велат дека прават анализи и процени за да се добијат поединечните реални показатели.
„Ние практично никогаш не сме го намалиле нивото на активности и постојано имаме средби со граѓаните, најмалку еднаш неделно нашите функционери се присутни директно на терен и нормално полека се подготвуваме за избори. Засега, немаме причина да се сомневаме дека повторно ќе настапиме како коалиција ’За подобра Македонија‘“, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Со исто темпо се одвиваат подготовките и во партијата на Али Ахмети. „На последната седница на Претседателството на партијата одлучивме да побараме извештај од работата на нашите градоначалници која би била една почетна точка за евалуацијата на локалните лидери и за можните идни кандидати“, вели Ермира Мехмети од ДУИ. |