Црвенковски прогнозира историски пораз на Македонија

Претседателот во последното обраќање рече дека Македонија е држава во која нема демократија

Оливера Војновска

Шефот на државата, Бранко Црвенковски, вчера во своето обраќање пред Собранието и пред целата македонска јавност излезе со песимистички прогнози дека на Македонија и' претстои голем историски пораз, дека преговорите за името со Грција ќе бидат замрзнати на подолг период, што неминовно ќе го одложи нашиот евроатлантски сон за некои други времиња.

Претседателот, како што самиот рече, во последното обраќање пред крајот на мандатот и во „годината што го промени светот“, со жалење констатира дека Македонија е држава во која нема демократија. Од собраниската говорница Црвенковски упати серија критики на адреса на актуелната владејачка структура која, според него, владе со страв, заплашување, јавен линч и жигосување на неистомислениците, безмилосно ги троши државните пари за саморекламирање, при што ги корумпира сопствениците на најголемиот број медиуми во државата.

Упатувајќи порака до политичките противници, а веројатно и за да ги расчисти дилемите во јавноста, тој кажа дека нема да се кандидира повторно.

„Вистински преговори за проблемот со името со Грција нема да има подолг период. Тоа значи дека во истиот период вистински преговори за зачленување на Македонија во НАТО и во Европската унија, исто така, нема да има. За таа реалност треба да бидеме наполно свесни, како и за последиците што ќе произлезат од тоа“, рече Црвенковски во обраќањето. Тој нагласи дека одлуката да се оди на предвремени избори била избрзана, поради што земјата по трет пат испушти шанса да добие датум за преговори. „На политиката и на однесувањето на Грција ниту можевме ниту ќе можеме да влијаеме. Што се однесува до нашите грешки, нашите погрешни процени и лошо поставени приоритети, а нив во овој период ги имаше многу, одговорноста е исклучиво наша. Со користење на популизмот и злоупотреба на патриотските чувства на граѓаните, со поделбите на патриоти и предавници, со креирање атмосфера дека ние во НАТО и во ЕУ сакаме, ама не мораме, дека Владата има алтернативна стратегија за сестран економски, демократски и општествен развој на државата и без наше интегрирање во евроатлантските структури, ние самите го испишуваме сценариото и го трасираме патот за голем историски пораз. Повикот за создавање единство врз ваква платформа, всушност, е повик за регрутирање соучесници и поделба на одговорноста за спроведување на една губитничка политика однапред осудена на неуспех“, соопшти Црвенковски.

Критикувајќи ја Владата, за која рече дека создава амбиент дека предавници се сите што не се согласуваат со нејзините политики, македонскиот претседател доброволно се пријави да биде на нејзината црна листа. Оставајќи му на времето да покаже „што е вистински патриотизам и кои се вистинските патриоти“.

Тој и во оваа прилика го повтори ставот дека проблемот со името треба да се реши на достоинствен начин. „Да се обидеме да го решиме спорот со Грција, да дојдеме до компромис со кој ќе го зачуваме нашиот национален идентитет, ќе ги одбраниме името и јазикот. Гаранции дека ќе успееме нема. Но, со политиката која денес е официјална во Македонија, гаранции дека нема да успееме - има“, уверен е Црвенковски. Според него, тужбата што ја поднесе Македонија пред Меѓународниот суд на правдата е легитимна, но не е корисна за Македонија.

Црвенковски предупреди дека ако подолго време останеме надвор од ЕУ и од НАТО, постои опасност за зачувување на меѓуетничкиот биланс, а без членство во ЕУ и во НАТО, нема влез на странски инвестиции, а ќе стагнира и економскиот развој. Тој нагласи дека нема алтернативен концепт на ЕУ и НАТО. „Се' друго не е развоен концепт, туку борба за гол опстанок“, заклучи претседателот.

Претседателот потенцира ��ека зГоворејќи за светската економска криза, Црвенковски рече дека бил непријатно изненаден од лежерноста на Владата, која не се подготвила како да се справи со кризата. „Времето покажа дека реалноста е посилна од секоја илузија, дека Македонија не може да чекори во спротивен правец од светот и глобалните трендови“, рече тој.

Претседателот апелираше до Владата и до Собранието да размислат уште еднаш за енормно високиот буџет што се предлага за наредната година.

Црвенковски истакна дека во државата недостасува демократска и здрава дебата. „Денес секој што ќе се осмели да изнесе став различен од оној на владејачката структура ризикува да биде изложен на јавен линч, да биде прогласен за предавник, странски платеник, кочничар на реформите и се' почесто да се соочи со кривична пријава за клевета.

Клучните медиуми се ставени под целосна контрола и изложени на двоен притисок. Од една страна, од позиција на сила и моќ се упатуваат директни закани, а од друга страна, со огромни државни пари преку формата на бесмислени владини кампањи се придобива поддршката на сопствениците. Да го употребам точниот израз, сопствениците на медиумите се корумпираат. Ова што ни се случува денес не е демократија. Со вакво владеење не се оди во Европа“, рече претседателот.

Завршувајќи го својот говор, Црвенковски истакна дека ова е неговото последно обраќање во парламентот во својство на претседател на државата. „Ми претставуваше огромна чест и гордост да ја претставувам државата и да ја вршам оваа висока должност. Се трудев да го правам тоа најдобро што можам и умеам. Никогаш не тактизирав и не се повладував на доминантното расположение и на моменталниот однос на сили. Го правев и се залагав за она за што верував дека е правилно и корисно за државата. Времето некогаш ме потврдуваше, некогаш ме демантираше. За сите пропусти и грешки ја преземам одговорноста. Ве уверувам дека не биле направени со намера и од тој аспект совеста ми е мирна“, порача Црвенковски.

Во ова издание и:

Груевски не дојде на обраќањето на Црвенковски