Кој ќе ја плати патриотската грешка

Ако Владата почне да обесштетува, ќе мора да им врати 5 милиони евра на околу 55.000 трговци

Александрија Стевковска

За десетина работни дена престануваат да важат патриотските фискални сметки. Оваа промена произлегува по завчерашната одлука на Уставниот суд, кој оцени дека патриотските фискални сметки се неуставни, укинувајќи неколку одредби од правилникот според кој производите од македонско и од странско потекло требаше да се регистрираат одвоено. Тоа значи дека сите даночни обврзници кои направија надградба на софтверите на своите фискални апарати, заради регистрирање на купувањето домашни производи, ќе треба да ја отстранат надградбата, што ќе претставува трошок, за кој се' уште не се знае кој ќе го сноси. Во практика тоа значи дека на фискалните сметки не смее да има ниту регистриран промет со домашни производи ниту, пак, логото „Купувајте македонски производи“ и познатото сонце. Овие дејства стануваат задолжителни со одлуката за Уставен суд за укинување на патриотските сметки, која за неколку дена ќе биде објавена во „Службен весник“, по што ќе стапи во сила. Трговците се во паника. Тие не знаат дали самите ќе треба повторно да го платат враќањето на старите софтвери на фискалните апарати за да нема регистрирање на промет со македонски производи. Експертите, пак, предупредуваат дека Владата мора да го плати трошокот на враќање на старо, иако трговците секако се оштетени.

„Трговците еднаш го платија вградувањето на новиот софтвер и укинувањето на патриотските сметки ќе значи наметнување на потребата за враќање на работите на старо, што ќе значи повторен трошок. Ако државата го наплати новиот трошок, тоа не значи дека  трговците ќе бидат обесштетени за веќе еднаш платена услуга на операторите со фискални каси. Ако, пак, Владата го плати новиот трошок и ги обесштети трговците, тоа ќе биде двојна исплата за една лоша владина одлука“, велат правните експерти.

Уставниот суд, кој ги укина патриотските фискални сметки, не се наоѓа за надлежен за одлучување кој ќе треба да го сноси финансискиот трошок од имплементацијата на Правилникот што ги воведе патриотските фискални сметки и сега неговото укинување.

„Со укинување одредби од Правилникот, се губи правната основа која наметнува обврска во фискалните сметки да се издвојува купувањето на македонските производи, бидејќи се создава нерамноправна ситуација на пазарот и нееднаквост меѓу субјектите“, вели портпаролот на Уставен суд Југослав Миленковски.

Според него, одлуката за укинување одредби дејствува дисперзирано на сите страни, а не само на доносителот на Правилникот, но правото важи за сите. За Уставниот суд, ако е неопходно, на сметката да го нема регистрирањето на домашните производи и логото со сонце, тоа нужно ќе има последици. „Трошоците ќе мора некој да ги плати“, додава Миленковски.

Според правни експерти, во случај да е направена штета од воведувањето на патриотските сметки, како што е издатокот за вградување патриотскиот софтвер, таа треба да ја плати доносителот на Правилникот, во овој случај Владата.

„Трговците, доколку Владата не ги намири трошоците настанати од воведување и укинување на патриотските фискални сметки, можат во граѓански спор да ја тужат државата и да бидат обесштетени“, вели професорот од Правниот факултет Саво Климовски.

Според некои пресметки, ако Владата почне да обесштетува, ќе мора на околу 55.000 трговци да им врати околу 5 милиона евра, кои ги испумпа од нив под закана за казни од 4.000 до 5.000 евра, за непоседување нови софтвери. Ако им ги врати Владата овие пари на трговците, ќе треба да издвои уште толку за да бидат тргнати патриотските софтвери.

Владата, пак, информира дека нема добиено официјално известување од Уставниот суд за одлуката за неуставноста на „патриотските“ каси. Министерот за финансии Трајко Славески лично смета дека тоа може да има последици.

„Од медиумите разбравме дека се укинати некои одредби од Законот за регистрирање готовинско плаќање, официјално не сме известени, ниту Уставниот суд ја има објавено таа одлука“, изјави вчера Славески.

Тој посочи дека одлуките од највисоките инстанции се многу суптилни и затоа Министерството за финансии ќе почека да ја види одлуката, па ќе го каже ставот. Славески не можеше да одговори на прашањето дали ќе им бидат вратени парите на фирмите што ги потрошија за надградување на фискалните апарати и изјави дека Владата засега нема став околу тоа прашање. „Фирмите потрошија по околу 200 евра, но и онака повеќето од нив имаа стари апарати и требаа да ги заменат“, рече Славески.

Славески рече дека за укинување на идентификување на прометот со производи од домашно потекло, Уставниот суд се повикал на член 49 за слобода на пазарот и претприемаштвото.

„Секако дека треба да се цени одлуката на Уставниот суд, а таа во иднина ќе влијае на слободата на пазарот и претприемаштвото. Лично, како економист, сметам дека ова може да има далекусежни последици врз сите субјекти“, вели Славески. Според него, Владата ги вовела „патриотските сметки“ затоа што во одреден момент проценила дека таа одлука е во општ интерес за сите граѓани.

На забелешките како Владата си дозволила да донесе една неуставна одлука и зошто не консултирала експерти, Славески рече дека Владата не ја донела одлуката, туку парламентот, а Владата консултирала експерти кои укажале дека одлуката е в ред. „Уставниот суд и досега укинувал многу одлуки на многу влади, ова не е прв пат“, рече Славески.

Опозицијата, пак, демантира дека Собранието дало зелено светло за патриотските фискални сметки, прецизирајќи дека се работи исклучиво за владина одлука од почетокот на годинава. Тоа го потврдува и самиот правилник на кој стои дека го донесува Министерството за финансии, врз основа на член 10, став 2 и член 19 од Законот за регистрирање готовинско плаќање.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека поради влијанието што го има претседателот Бранко Црвенковски врз Уставниот суд, паднал проектот на Владата за патриотските фискални сметки.

„Токму преку Уставниот суд, Бранко Црвенковски ги руши сите позитивни проекти на Владата на Република Македонија, преземени од други земји и направени во консултација со странски експерти и стручњаци“, изјави портпаролот на партијата Александар Бичиклиски. Концептот за патриотските фискални сметки, додаде тој, го има прифатено Република Ирска, членка на Европската унија, која е позната во светот по своите успеси токму со овој концепт.

На оваа реагираа од Кабинетот на претседателот. „Наместо денеска владејачката партија и Владата да кажат кој ќе поднесе одговорност за оваа пропадната мерка, која и покрај сите предупредувања Владата ја спроведе, како и да објаснат кој ќе ги обесштети фирмите што ги набавија патриотските фискални сметки, владејачката партија излегува со небулозни тврдења. Ова е уште еден доказ дека Владата и клучната партија во неа наместо да промовираат почитување на институциите на системот, се јавуваат како нивни уривачи“, реагираат од Кабинетот на Црвенковски, а СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за притисок врз судството.

Во ова издание и:

Трговците не знаат што да прават со касите