Live

Најнови вести за изборите

Web special информации од денешните настани

15:58, 02.06 - Насилствата сериозно го нарушија изборниот процес, прелиминарна оценка на меѓународните набљудувачи 

Иако изборите беа процедурално добро спроведени, законот беше почитуван селективно и не беа спречени насилствата и заплашувањата во областите каде што живеат етнички Албанци, оценува Меѓународната набљудувачка мисија во прелиминарниот извештај за предвремените парламентарни избори во Македонија.

Клучните меѓународни стандарди на вчерашните избори не беа исполнети бидејќи обидите насилно да се наруши изборниот процес во делови од областите каде што предоминантно живеат етнички Албанци направија да биде невозможно за избирачите во многу места слободно да ја изразат својата волја, укажуваат меѓународните монитори.

Во прелиминарниот извештај се посочува дека на денот на изборите едно лице беше убиено, а неколкумина ранети. Гласањето и пребројувањето на гласовите беше нарушено од бројни сериозни нерегуларности конкретно во делови каде што живеат етнички Албанци, а кои вклучуваат и случаи на заплашување, немири, полнење на гласачките кутии и сплеткарење со резултатите. Беше известено и за присуство на неколку инциденти и нерегуларности во останатиот дел од земјата.

Во однос на кампањите на политичките партии се оценува дека на партиите им беше дозволено слободно да ја водат својата кампања, а на избирачите им е понуден разновиден избор, но се укажува и на манипулирање на кампањата на најголемата опозициска партија со активности на партија со слични имиња на кандидатите.

За медиумите се истакнува дека им овозможиле на избирачите да направат информиран избор, иако јавните радиодифузери покажале пристрасност во корист на партиите од власта.

- Насилството и обидите да се манипулира кампањата, за жал фрлија сенка врз инаку добро спроведените избори кои им пружија на избирачите вистински избор меѓу бројните политички сили. Насилството забалежано во областите каде живеат етнички Албанци е неприфатливо кршење на мирот и демократските права на луѓето, рече денеска потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Кристмас Молер.

Раководителот на Делегацијата на Парламнетарното собрание на Советот на Европа Мевљут Чавосоглу повторувајќи ги забалешките во однос на неправилностите предизвикани од, како што вели, двете најголеми албански партии, потенцира дека тие ќе се одражат врз европските и евроатлантски интеграции на земјата.

Амбасадорот Роберт Бери кој е раководител на долгорочно ангажираната набљудувачка мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР истакна дека тие од самиот почеток биле загрижени оти изборите можат да бидат нарушени од насилство во одредени области. За жал, рече тој недостигот од давање одговор на бројните прекршувања за кои беше известено во текот на кампањата, одмогна во спречувањето на сериозните инциденти на насилство кои се случија на денот на изборите.

- ОБСЕ ќе набљудува дали властите сериозно ќе ги адресираат прекршувањата и ќе преземат чекори на правни лекови, а ќе ги набљудуваме и прегласувањата во областите каде тие ќе бидат поништени, истакна Бери. Тој посочи дека ова е само првичен извештај и оти набљудувачката мисија на ОБСЕ со конечна оценка ќе излезе по целосното завршување на изборите.

Меѓународната мисија за набљудување на предвремените парламентарни избори во Македонија ја сочинуваат Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ОДИХР, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
(МИА)

14:12, 02.06.08 - Рен и Груевски телефонски разговорале во врска со изборите

Еврокомесарот за проширување Оли Рен водел телефонски разговор со македонскиот премиер Никола Груевски во врска со вчерашните парламентарни избори, при што изразил длабока загриженост поради насилството што се појави во некои избирачки места во текот на гласањето.

- Оли Рен изразува најдлабоко сочувство во врска со загубата на човечки живот во тие насилства, во кои исто така има и ранети, изјави денеска Кристина Наѓ, портпаролот на еврокомесарот.

Таа истакна дека во текот на разговорите Рен добил потврда дека во избирачките места, каде вчера беше евидентирано насилство, изборите ќе бидат повторени и оти гласањето ќе тече по мирен пат.

- Очекуваме да го добиеме извештајот на меѓународните набљудувачи на изборите, кои треба да биде објавен попладневно во Скопје. Засега нема што друго да се додаде, истакна Наѓ.

Таа не даде конкретен одговор на прашањето дали тоа што вчера се случило во Македонија може да биде препрека за напорите на земјата за влез во Европската унија.

- Напредокот во посочените осум проблематични области, како и извештаите за начинот на кои беа спроведени изборите, ќе влезат во извештајот на Европската комисија за Македонија, кој ќе биде подготвен оваа есен, истакна Наѓ.
(МИА)

12:00, 02.06.08 - „Дејли Телеграф“: Насилството на изборите е тежок удар за евроатланските амбиции на Македонија

Насилството забележано на вчера одржаните парламентарни избори во Македонија, претставува тезок удар за надежите на властите во Скопје за брзо приклучување на земјата кон НАТО и Европската Унија, пишува лондонски „Дејли Телеграф“.

Како што јави дописникот на МИА од Лондон, весникот наведува дека за најголемиот дел од насилствата, виновни се двете партии на Албанците во Македонија, за кои се вели дека со години по ред се меѓусебно тешко закарани.

Прекинот гласањето во дваесетина изборни места поради вооружени судири, според „Дејли телеграф“ ќе ја доведе во незгодна ситуација „оваа балканска држава која во 2001 година се најде на работ од граѓанска војна“.

Според весникот, кој важи за близок на британската Конзервативна партија, Македонија се надеваше дека во случај на одржување мирни избори, спроведени во демократска атмосфера, ќе и се покаже на меѓународната јавност дека земјата е подготвена за членство во НАТО и ЕУ. Наместо тоа, „Дејли телеграф“ ја пренесува изјавата на британскиот набљудувач на изборите во Македонија, Денис Мекшејн, поранешен министер за Европа во владите на Тони Блер, дека изборните резултати „се доведени во прашање", по насилството што беше прикажано на дел од избирачките места во земјата.

Пролабуристички опеределниот „Гардијан“, од своја страна, пишува дека станува збор за „најголемо досега насилство по бунтот во 2001 година“.

Овој лонодонски весник вели дека тогаш, благодарејќи на ветувањето на Западот за приближување на Македонија кон НАТО и Европската Унија, „беа разоружени бунтовничките сили, а локалните Албанци добија повеке права“.
(МИА)

10:32, 02.06.08 - Албанските медиуми известуваат за крвави избори

Албанските електронски медиуми и печатот ги пренесуваат изборите во Македонија во ударни термини и на насловните страни, со нагласок дека минале со проблеми во деловите од земјата каде што живеат Албанци.

Весниците на насловните страници нагласуваат дека изборите се крвави бидејќи едно лице загина додека околу 10 се тешко повредени.

Притоа особено се наведува дека и двете албански партии ДУИ И ДПА прогласуваат победа, како и изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека нема да ги признае изборните резултати во изборните единици во северниот и западниот дел од земјата.

И додека ВМРО ДПМНЕ прогласи победа, а опозицијата СДСМ го призна поразот, засега не е јасно како ќе завршат изборните резултати во албанскиот блок наведуваат медиумите и додаваат дека лидерот на ДПА Мендух Тачи веќе прогласил победа.
(Макфакс)

00:52, 02.06 - ДИК:„За подобра Македонија“- 376.636, „Сонце“ - 178.785, ДУИ - 90.718, ДПА - 81.610 гласови 

Според обработените резултати од 2.459 избирачки места или 82,63 проценти од вкупниот број, најмногу гласови 376.636 (46,7%) освои Коалиција „За подобра Македонија“, „Сонце“ Коалиција за Европа - 178.785 (22,19%), ДУИ - 90.718 (11,26%), ДПА - 81,610 (10,13%) и ПЕИ 12.426 (1,54%) гласови, соопшти Државната изборна комисија.

Претседателот на ДИК Јован Јосифовски вечерва на прес-конференцијата рече дека од вкупно 1.779.116 граѓани евидентирани во Единствениот избирачки список, гласале 805.844, а одѕивот бил 58,47 отсто.

Во првата изборна единица, според ДИК, Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 53.495 гласа или 45,32 проценти, „Сонце“ Коалицијата за Европа 23.495, ДУИ 15.470, а ДПА 15.546 гласови.

Во изборната единица два Коалицијата „За подобра Македонија“ освоила 53.724 гласа, „Сонце“ Коалицијата за Европа 17.684, ДУИ 17.328, а ДПА 8.323 гласа.

Во третата изборна единица Коалицијата „За подобра Македонија“ освоила 95.834 гласа, „Сонце“ Коалицијата за Европа 42.892, ДУИ 1.331, а ДПА 223 гласа.

Во изборна единица број четири Коалицијата „За подобра Македонија“ освоила 96.732, а „Сонце“ Коалицијата за Европа 56.517 гласа.

Во петтата изборна единица Коалицијата „За подобра Македонија“ освоила 59.991 гласа, „Сонце“ 29.767, ДУИ 14.224, а ДПА 8.525.

Во изборната единица број шест ДПА освоила 48.993 гласа, ДУИ 42.365, ВМРО-ДПМНЕ 16.860, а „Сонце“ Коалицијата за Европа 8.430 гласа.

Државната изборна комисија до изутрина на својата веб страна ќе ги објави првичните резултати од преброените гласови од предвремените Парламентарни избори 2008.

Јосифовски на вечерашнава прес-конференција изјави дека до ДИК веќе почнале да пристигнуваат записниците од општинските избирачки комисии. (МИА)

00:31, 02.06.08 - Шеќеринска: Цената што ја плати Македонија е превисока

Цената што ја плати Република Македонија на овие избори е превисока, изјави не ноќешната прес конференција лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска.

Според неа, изборниот процес со насилства, пукотници, притисоци и заплашувања, е недозволив и цената што ја плати земјата е преголема.

Шеќеринска презема одговорност за изборниот појас, но додаде дека тимот собран во коалицијата „Сонце“ успеал за кратко време да ја намали разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од 3:1 на 2:1.

Според неа, коалицијата „За подобра Македонија“ презема голема одговорност во наредниот период.

Шеќеринска рече дека опозицијата и натаму ќе работи во интегрирањето на Македонија во НАТО и Европската унија. (Макфакс)

23:30, 01.06.08 - Груевски објави победа



Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски вечерва објави убедлива победа на предвремените парламентарни избори со освоени над 60 пратенички места.

Според аналитичките податоци на оваа партија, врз основа на 80 отсто од избирачките места, коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ освоила 440,000 гласови, а коалицијата предводена од опозициониот СДСМ 215,000 гласови.

Груевски соопшти дека очекува коалицијата „За подобра Македонија“ да има над 60 пратеници.

Според него, изборите во најголем дел на гласачките места беа фер и демократски. Тој изрази сочуство со семејствата на луѓето што денеска беа жртви на изборните инциденти..

„Ќе направиме се во местата каде што беа инцидентите да се прегласа за да докажеме дека земјата е способна да оди кон ЕУ и НАТО, соопшти Груевски на прес конференција во присуство на раководството на ВМРО – ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“. (Макфакс)

Развојот на настаните вчера:

Кликнете на банерот