Хераклеја целосно ќе се доистражи
Битола - Античкиот локалитет Хераклеја Линкестис целосно да се истражи. Ова е најавата на премиерот Никола Груевски пред битолчани, со ветување дека Владата комплетно ќе ги покрие трошоците за ископувањата.
„Донесовме одлука следната година, од февруари до ноември, со ангажман на околу илјада работници да се започне и целосно да се доврши работата со ископувањата во Хераклеја“, изјави викендов во Битола премиерот Груевски.
Според археологот Аница Георѓиевска од Заводот и музеј – Битола, оваа година истражувањата го допреле македонскиот период од живеењето на овој антички град.
„Од 1959 година со систематски археолошки истражувања во Хераклеја е откриена површина од 7 илјади квадратни метри, а само оваа година со пари од Владата се откриени нови 1.000 квадратни метри. Стасавме до македонскиот период, со безброј материјални сведоштва, со што се потврдува нашиот идентитет“, вели археологот Георѓиевска со најава дека пронајдените артефакти наскоро преку изложба ќе бидат претставени пред јавноста. (А.Б.) |