Ване Цветанов со мирна совест го чека разрешувањето
Директорот на Управата за спречување перење пари не чувствува вина
Катица Чангова
Ване Цветанов со мирна совест го чека разрешувањето од челната позиција на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам. Тој не чувствува вина и одговорност откако Антикорупциска, поради сериозни пропусти во законските процедури за вработување и за јавни набавки, побара од Владата да го смени.
„Мене ми е мирна совеста. Апсолутно сум на страната на правдата. Мене ме назначи Владата и јас ја почитувам“, изјави вчера Ване Цветанов, кој не сакаше да каже дали веќе имал средба со премиерот Никола Груевски, кој како прв министер пресекува за именувања и разрешувања што се однесуваат за носители на јавни функции.
За иницијативата на антикорупционерите, која беше обелоденета пред речиси два месеца, Владата, барем досега, покажа невообичаено игнорантски однос. И Цветанов плива во истата шема, па избегнува какви било коментари на таа тема. За тоа дали молкот на Владата треба да се сфати како непочитување на институциите, тој го впери прстот кај Антикорупциска.
Иницијативата на борците против корупцијата за заминување на директорот на институцијата, која трага по валканите пари и ги следи сомнителните финансиски трансакции, се потпира на наодите во ревизорски извештај од 2008 година. Главниот грев, на кој се лизна Цветанов, се вработувања на неопределено за кои не побарал виза од Министерството за финансии и фаќање кривини во постапките за јавни набавки. „Преку агенција за привремени вработувања вработил 29 лица. Не поднел барање до Министерството за финансии за согласност, туку го сторила тоа Управата преку агенција за привремени вработувања“, образложи неодамна првиот антикорупционер, Илми Селами. Тој кажа дека месечните издвојувања за овие вработени биле шест милиони денари, што е повеќе во споредба со расходите за плати на редовните службеници.
Цветанов ја дочека на нож најавата од Антикорупциска за негово разрешување, квалификувајќи ја како монтиран случај, поврзан со мафија од моќни луѓе кои влијаеле со сомнително стекнато богатство. Цветанов спектакуларно однесе седум кутии со документација кај јавниот обвинител Љупчо Шврговски.
На вчерашната презентација на Прирачникот за спроведување мерки и дејства за спречување перење пари и финансирање тероризам од страна на субјектите, Ване Цветанов немаше информации каква е судбината на предметите во Обвинителството. Само напомена дека имал одлична соработка со обвинителите. „Резултатите досега се видливи, но допрва ќе произлегуваат уште поголеми резултати“, оптимистички истакна Цветанов.
Вчера, на промоција на Прирачникот што го изготви Управата за спречување на перење пари со поддршка на холандската влада беше подвлечено дека борбата против финансискиот криминал бара инволвираност не само на еден човек или институција, туку на цел систем субјекти. „Најризични области за перење пари се инвестициите на неподвижен имот и градежништвото. Поради незнаење или невнимание, секој може да биде вовлечен во работа со криминални групи кои не бираат средства и методи кога е во прашање профит“, нагласи директорот Ване Цветанов. |