На Грција и' се одбројани деновите во еврозоната?
Грчкиот министер за финансии Папаконстантину ја исклучи веројатноста за банкрот на земјата
Лондон - Главниот економист на британскиот центар за економски и деловни истражувања, професор Даглас Меквилијамс, изјави на конференцијата во Атина дека излегувањето на Грција од еврозоната „е практично неизбежно“. Британските економисти ја повикаа владата на Грција да го напушти еврото и да банкротира по достигнувањето долг од 300 милијарди евра за да ја спаси својата економија.
Меквилијамс, говорејќи за иднината на еврото и за можноста останатите земји да се најдат во ситуација да излезат од еврозоната, појасни зошто Грција мора да го напушти еврото за да ја подобри својата економија. „Грција нема да биде во состојба да го избегне должничкиот банкрот без девалвација на сопствената валута, со цел да го зголеми извозот. Единствен начин тоа да го реализира е да се врати на сопствената валута“, укажа Меквилијамс. Тој додаде дека напуштањето на еврото би значело дека грчката валута би девалвирала најмалку 15 проценти. „Меѓутоа, со оглед на тоа што националниот долг на Грција е изразен во евра, тоа преку ноќ би го зголемило нејзиниот долг од сегашното ниво од 120 проценти од бруто домашниот производ на 140 отсто“, нагласи Меквилијамс.
Но, грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину експресно ја исклучи веројатноста за банкрот на земјата, негирајќи ги категорично сценаријата за излегување на Грција од еврозоната и враќањето на драхмата. Папаконстантину истакна дека Грција била блиску до запирање на плаќањата, но, за среќа, навреме беше активиран европскиот механизам за поддршка, така што пред земјата сега не стои прашањето за банкрот. Првиот финансиер во земјата смета дека мерките, договорени со ЕУ и со ММФ, се доволни и дека не се потребни дополнителни мерки за надминување на кризата. Поради прифаќањето на овие мерки Грција доби кредити во вкупна вредност од 110 милијарди евра.
Министерот препорача во следните неколку месеци комплетна реформа на даночните служби во земјата. „Наша цел е не само да ги обезбедиме приходите, туку и да се справиме со расходите“, рече Папаконстантину, истакнувајќи дека и покрај настојчивото барање на ЕУ и на ММФ за укинување на 13. и на 14. плата во приватниот сектор, сепак, владата успеала да ги спаси.
Инаку, потрошувачите и претприемачите во Грција се најпесимистички настроени од сите Европејци за движењето на нивната економија, покажа социолошкото истражување на ЕК. Според истражувањето направено во мај, бизнис-климата во Грција драстично се влошила во споредба со онаа во останатите држави од ЕУ и забележува пад од 61,9 поени во споредба со 69,1 поени во април. Во студијата се дава и оцена дека во мај Грција имала најниски индикатори во споредба со останатите земји од ЕУ во однос на производството, услугите, продажбата и градежништвото. (МИА) |