Словачка не ја потценува Македонија
Сашко Ѓ. Димовски
„Наша цел во секој натпревар се трите бода. Така ќе биде и во петок. Ја посакуваме победата, ја планираме и ја очекуваме. Но, нималку нема да биде лесно. Квалификациите се долги и нема право на грешки. Меѓутоа секој резултат надвор од планираниот може да ја искомплицира ситуацијата. Добар старт е предуслов за успешна мисија“, им порача Владимир Веис на словачките новинари по собирот на националниот тим во понеделникот во хотелот „Долфин“ во Сенице.
Словачка не' пречекува во Братислава со страшно големи амбиции, посебно по успешниот дебитантски настап на Светското првенство во Јужна Африка ова лето. Нашите моментни домаќини успеаја да ја минат групната фаза и да се најдат меѓу најдобрите 16 во светот и притоа ја елиминираа анемичната Италија која на африканскиот југ отпатува во улога на бранител на трофејот. Но, Веис е човекот кој се обидува да го задржи внатрешниот мир меѓу фудбалерите и да ги заштити еуфоричноста во јавноста и победничките очекувања на нацијата. За нас тој вели:
„Можеби Македонија е неатрактивен противник, но ние мора да бидеме подготвени. Во ниту еден момент не смее да ги потцениме бидејќи не го заслужуваат тоа, а таквото нешто може да биде кобно за нас. Ако Македонците се неатрактивни, не значи дека немаат квалитет. Напротив. Го имаат, дури мислам дека сме тука некаде. Македонија има одличен тим предводен Горан Пандев чии соиграчи настапуваат во клубови од водечките европски лиги. Затоа нашиот пристап ќе биде од исклучително значење. Очекувам тврд меч“.
Веис се соочува со проблеми околу составот за петочниот меч на стадионот „Пасиенски“ во Братислава.
Во последен момент отпаднаа двајца играчи. Чех ќе пауза шест недели, Шестак три. Роберт Витек е во словачкиот тренинг камп, но неговиот настап е неизвесен.
„Ќе сториме се да го опоравиме за игра ако е можно тоа, ако не, пак, ќе гледаме да ги имаме неговите услуги за наредниот натпревар против Русија“, истакна Веис кој во првиот ден од подготовките го немаше ниту Јан Кучка од Спарта Прага (вчера играше за својот клуб во Брно во меч од чешкото првенство), а неколку слободни денови поради семејни причини (доби ќерка) има напаѓачот на Бешикташ, Холошко.
Останатите на кои смета за дуелот со Македонија, воведен во квалификациите за ЕП 2012, барем засега се во ред. За голманската позиција ќе конкурираат Муха од Евертон, Кучијак од Васлуи и Перниш од Данди Јунајтед. Одбраната е во состав Пекарик (Волфсбург), Шкртел (Ливерпул), Хубочан (Зенит), Салата (Слован Братислава), Печалка (Жилина) и Забавник (Мајнц 05). Контрола во средината на теренот ќе се обидат да ја остварат Кархан (Мајнц 05), Кучка (Спарта Прага), Штрба (Ксанти), Копунек (Сатурн), Хамшик (Наполи), Сапара (Анкарагучу), Веис јуниор (Глазгов Ренџерс), Стох (Фенербахче) и Швенто (Салцбург), а за нападот Веис ги има Јендришек (Шалке 04), Витек (Анкарагучу), Холошко (Бешикташ) и Оравец (Жилина).
Витек: Секогаш беше тешко против Македонија без разлика на резултатите
Настапот на Роберт Витек против Македонија за дел од словачките медиуми е неизвесен, за дел од нив, пак, е сигурно дека фудбалерот на Анкарагучу нема да игра во воведниот меч на репрезентацијата на Словачка во квалификациите за ЕП 2012. Во досегашните негови партии памети две. Во едната Словаците победија со 2:0, во втората со 5:0, но Витек повикува на претпазливост.
„Резултатите од минатото во дуелите со Македонија не смеат да не' залажат. Точно е дека имаме позитивен биланс, но никогаш не беше лесно без оглед што имаме три победи и реми против таа селекција. Воопшто не е лесно да се победат Македонците. Резултатите кажуваат едно, на теренот е сосема поинаку. Навистина. Македонија секогаш беше тежок противник“, се присетува Витек.
„Имам проблеми со ногата. Се' уште закрепнувам од повредата во мечот со Хрватска и не знам дали ќе бидам подготвен да го дадам максимумот во петок“, изјави Витек, стрелец на четири гола за словачката селекција на СП 2010 во Јужна Африка и најдобар голгетер во модерната фудбалска историја на оваа земја.
Цената на билетите од 10 до 30 евра
Мечот меѓу Македонија и Словачка ќе се одигра во петок на стадионот „Пасиенски“ во Братислава (дом на екипата на Слован) со почеток во 20,30 часот (МТВ 1, пренос). Цената на билетите се движи од 10 до 30 евра, во зависност од местото на трибините. Капацитетот на стадионот е 13,295 места. |