Љубовниот триаголник мотив за четирикратното убиство во Чешка

Блиските на Раиф Качар од скопско Коњаре се шокирани од убиството за кое дознале од медиумите
Горан Адамовски
ДОЛНО КОЊАРЕ - „Тој е многу добар човек, ама многу емотивен, изгледа не можел да мине преку тоа - сопругата, со која шест години живеел заедно, со која има и двегодишна ќеркичка и на која и' имаше обезбедено луксузен живот, да си фати љубовник и туку-така да го покажува и да го носи секаде“. Со овие зборови, блиските на Раиф Качар (42), кој во неделата наутро застрела четири лица во чешкиот град Петрвалд, не' пречекаа во скопското село Долно Коњаре. Трите сестри, братот и внуците се шокирани и во неверување откако преку медиумите разбрале дека нивниот Раиф направил такво злосторство, кое и вчера не се симна од насловните страници на чешките медиуми, кои известуваат дека четирикратното убиство од љубомора било извршено со пиштол што го поседувал без дозвола. Како што е познато, Македонецот со босанско потекло ја застрелал 25-годишната невенчана сопруга Влатка, нејзините родители и љубовникот. Според блиските на Качар, ќеркичката сега е во рацете на бабата на сопругата на Раиф. По убиствата, нашинецот се застрелал во глава. Неговата состојба и натаму е критична, велат од болницата во Острава.
Зафрленото скопско село Долно Коњаре вчера беше невообичаено раздвижено. Жителите собрани сретсело се чудат како нивниот поранешен соселанец можел да направи такво нешто.
„Тој е човек и пол, разумен и паметен. Којзнае што му се случило во главата, сигурно бил во афект. Пред половина година беа тука со Чехинката, изгледаа среќно“, велат селаните, упатувајќи не' до семејната куќа на Качарови. Во неа живее единствениот брат на Раиф. Трите сестри се мажени: две во Скопје, а една во Батинци. Татко им е сериозно болен.
„Не е лесно воопшто. Од немајкаде не' снајде голема несреќа“, велат блиските на Раиф. Раскажуваат дека тој во Чешка заминал уште пред дваесет години. Бил многу вреден, развил добар бизнис, имал хотел и добро заработувал. Добил чешки пасош. Пред шест години почнал да живее во невенчан брак со чехинката Влатка, а пред две години им се родила и ќеркичка. Ја покажуваат заедничката фотографија, на која сите тројца изгледаат среќно.
„Доаѓаа тука редовно. Во септември минатата година беа тука. Останаа еден месец. Беа среќни, се сакаа, тој се' и' подаруваше. Ама, изгледа не и' било доволно сето внимание и љубов, па морала да најде и љубовник“, велат сестрите на Раиф.
Убиството се случило во кафеана додека Влатка го славела 25. роденден, а нејзиниот татко 50. роденден. На веселбата бил присутен и 30-годишниот љубовник на Влатка. Нашинецот влегол внатре и со пиштолот што го поседувал без дозвола пукал во гостите.
„Балканскиот менталитет е сосема поинаков од оној на Чесите. Таму е нормално да се има љубовник, ама вујко ми не можел да мине преку тоа. Каков човек би бил кога би можел да голтне во себе такво нешто“, вели внукот на Раиф.
Братот на Раиф беше во чешката амбасада во Скопје, барајќи визи за итно заминување во Острава. Таму веќе е неговиот чичко, кој живеел во Унгарија и веднаш тргнал за Чешка.
Во меѓувреме, чешката полиција ја привршува истрагата. Портпаролот на тамошната полиција, Соња Стетинер, информира дека пиштолот со кој било извршено злосторството бил набавен на црно. Четирикратното убиство во источниот чешки град Петрвалд и вчера беше топ-тема во чешката јавност. |