Расте напнатоста во „Нико Нестор“ во Струга
СТРУГА - Состојбата во средното училиште „Нико Нестор“, наместо да се смири, денеска може да се искомплицира зашто по средбата што се одржа во саботата Советот на родителите на учениците-Македонци и Албанци остана на своите крајно спротивставени позиции.
Родителите-Македонци се на определбата денеска да ги придружуваат своите деца да се вратат на настава во попладневната посебна јазична смена што, според директорката на училиштето, Маре Савевска, тоа е нивно право и е во согласност со одлуката на Училишниот одбор за воведување посебни јазични смени.
„Одлуката за воведување посебни јазични смени останува да важи се' додека поинаку не одлучи Училишниот одбор. Според одлуката, со консензус во февруари минатата година беше договорено да се воведат етнички смени за да се спречат инцидентите меѓу учениците-Македонци и Албанци“, вели директорката на средното стручно училиште „Нико Нестор“, Маре Савевска.
Родителите на учениците-Албанци сметаат дека одлуката за посебни јазични смени не е легитимна и тие се за одвивање на наставата во мешани етнички смени како и пред почетокот на бојкотот од страна на учениците- Македонци. „На средбата на Советот на родителите на која учествуваа родителите и Македонци и Албанци не се донесе решение и ние сметаме дека за целата работа не се виновни ниту учениците ниту родителите, туку директорката и органите во училиштето“, смета родителот Ваит Ајро.
Состојбата со напнатоста во средното училиште „Нико Нестор“ се условува и со неговата политизација. По ДПА, во саботата и Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот Рамиз Мерко за политизацијата на случајот. Претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за градоначалник на Струга, Славко Котески, рече дека проблемот вештачки се политизира и дека за тоа виновник е актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, кој сака да добие политички поени пред изборите на грбот на учениците и родителите.
Ваквиот тек на настаните, според многумина, денеска може да предизвика дополнителна напнатост, а и нови инциденти пред почетокот на втората смена во училиштето „Нико Нестор“. (С.И.) |