Холандија не го симна ветото за соработка на Србија со ЕУ
Брисел - Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на состанокот во Брисел не донесоа одлука за деблокирање на Привремената спогодба со Србија поради тоа што Холандија одби да даде согласност за ваквото решение. Европските партнери не успеаја да ја убедат Холандија да се согласи за деблокирање на спогодбата и покрај напредокот што го постигна Белград во однос на соработката со Хашкиот трибунал. „Го ислушавме обвинителот Серж Брамерц, кој ни кажа дека има сосема јасен напредок“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, чија земја е актуелен претседавач на Унијата, по заседанието на министрите.
Еврокомесарот за проширување, Оли Рен, додаде дека обвинителот на Трибуналот ги информирал европските министри оти српските власти значително ги засилиле напорите во соработката со судот. Кушнер истакна дека големо мнозинство од членките на Унијата се изјасниле за деблокирање на Привремената спогодба со Србија, а Холандија била единствената земја што се спротивставила на одмрзнувањето, кое другите држави го поддржаа откако беше уапсен поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ. „И покрај позитивните коментари на обвинителот, не беше постигната едногласност за деблокирање“, истакна британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд.
За да го симне ветото, Холандија бара целосна соработка на Белград со Хашкиот трибунал, а особено во однос на апсењето на поранешниот воен лидер на босанските Срби, Ратко Младиќ.
Во меѓувреме, српскиот заменик-премиер Божидар Ѓелиќ изјави во Брисел дека Холандија со своето спротивставување на позитивната одлука била неправедна спрема Србија. „Холандија и' нанесе неправда на Србија. Нашата земја направи се' што можеше за да ја финализира соработката со Хашкиот трибунал, кој денеска повторно донесе едно скандалозно решение во врска со Расим Делиќ, по серијата скандалозни одлуки во однос на српските жртви“, истакна Ѓелиќ. Тој рече дека Србија мошне сериозно ќе го разгледа повикот на еврокомесарот Рен - Белград да почне еднострано да ги применува Привремената спогодба и Спогодбата за стабилизација и асоцијација. „Мошне сериозно ќе ја разгледаме таа понуда, условите и евентуалната компензација, а за тоа ќе разговарам со комесарот Рен“, додаде Ѓел��ќ. (МИА) |