Отворено писмо од министерката за култура
Томислав Стојановски-Бомбај, директор на „Тетовски фолк-фест“
Госпоѓо министерке! Дали присуството на околу 20.000 посетители на „Тетовски фолк-фест“ во Лешочкиот манастир на големиот христијански празник Успение на пресвета Богородица за вас претставува само една обична музичка манифестација или, пак, станува збор за повеќегодишна традиција и високи уметнички дострели во негувањето на автентичната македонска песна и мелос, посебно во чалгаџиско-свадбарскиот жанр карактеристичен за овој печалбарски крај на Македонија. Ваквиот специфичен концепт на „Тетовски фолк-фест“ во препознатливиот амбиент на преубавиот Лешочки манастир за жителите на Полог и пошироко значи многу повеќе од една фестивалска манифестација. Пред се', значи културно и духовно задоволство за опстојување на родните огништа, чии корени се длабоко всадени во свеста на генерации Македонци кои вие ги понижувате со вашиот игнорантски однос не доделувајќи ниту еден денар за финансирањето на „Тетовски фолк-фест“, во услови на рекорден буџет за финансирање на дејностите од областа на културата во 2009 година.
Госпоѓо министерке! Вие сте изворно и навремено информирани дека локалната самоуправа предводена од градоначалникот Хазби Лика во овој четиригодишен мандат не само што не издвои ниту еден денар за финансирање на најмасовната културна манифестација туку сметаше дека нема потреба и законска обврска од аргументиран одговор на нашите барања, поткрепени со прецизна спецификација и преглед на финансиските потреби за одржување на „Тетовски фолк-фест“. Впрочем, како ќе ја оправдате вашата висока позиција во Владата на РМ дека како ресорен министер за култура сте должни да се грижите и за поддршка на културните манифестации, каде што Македонците претставуваат дел од заедниците! Како ќе ги погледнете в очи вашите високи партиски функционери кои на наше искрено задоволство се редовни гости на фестивалот во Лешочкиот манастир. Нашите искрени очекувања дека по покривањето на трошоците за 14. фестивал заеднички и несебично ќе се ангажираме за реализација на 15. јубилеен фестивал, кој треба да се реализира на 27 и 28 август оваа година, целосно се изневерени, особено со фактот дека одбивате директна комуникација со Организацискиот одбор на фестивалот.
Затоа ќе ве информираме дека определбата за опстанок на нашите вековни огништа нема цена и дека некои поодговорни, поискрени и поблагородни луѓе ќе помогнат во финансирањето на „Тетовски фолк-фест“, а вие ќе ни бидете драг гостин, се разбира, во првиот фестивалски ред.
П.С. Ве советувам да не се обидувате да ја замајувате македонска јавност со бирократски оправдувања и објаснувања, бидејќи тогаш ќе морате да објасните како од 12 вработени во Уметничката галерија во Тетово нема ниту еден Македонец, исто како и во тетовскиот театар, а во Домот на културата „Иљо Антески-Смок“ нема вработен ниту еден референт за култура Македонец и уште многу други нешта кои природно и законски им припаѓаат на Македонците во Тетово и Тетовско. |