Брисел ќе ја спречува Македонија да им продава пасоши на Албанци
Пасошкиот шопинг на расправа во Европскиот парламент
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
БРИСЕЛ - Европската комисија е загрижена од продажбата на пасошите, но нема намера да ги спречи во тоа Бугарија и Романија, туку Македонија и другите земји од Западен Балкан. Попрецизно, Брисел бара гаранции за процедурите и условите за издавање на пасошите во нашата држава, Србија и Црна Гора, за да се обезбеди дека безвизниот режим нема да дискриминира некои етнички групи само затоа што други, освен матичната, имаат и друга држава.
Иако Македонија нема интерес да продава пасоши, бидејќи тоа би го зголемило бројот на Албанците во државата, неколку парламентарци одамна предупредуваат дека одлуката на ЕК за безвизен режим го зголемила бројот на барања за македонски патни исправи од страна на жителите на Косово.
Нарекувајќи ја оваа појава „пасошки шопинг“ претставничката на ЕК изјави дека Брисел побарал од трите држави детаљна информација околу времето, процедурата и условите за издавање на пасошите, покрај гаранциите дека таквата појава нема да се случи. Наспроти молкот од ЕК, парламентарците во Комисијата за надворешна политика го отворија прашањето со бугарските и со романските пасоши што се продаваат во Македонија, Украина, Молдавија, Србија и во други земји, наведувајќи го како причина за дестабилизација на овие држави, а наедно и како доказ дека ЕК нема механизми тоа да го спречи, колку и да се повикува на вакви договори.
Германецот Бернд Поселт јасно ја посочи како жртва на ваква дестабилизација Македонија, а таа изјава ги испровоцира бугарските парламентарци да реагираат тврдејќи дека проблем со пасошите нема, туку нив ги создава македонската Влада. Имено, според Евгениј Кирилов, бугарски пасоши за нашите граѓани се издавале многу порано од најавата за укинување на визниот режим, па нема основа да се прави паралела меѓу нив и можноста истото тоа да го прават Србија, Македонија и Црна Гора за другите соседи.
Зошто издавањето бугарски пасоши би било проблем за стабилноста на Македонија кога истото тоа го правеле Германија и други држави, праша Кирилов, спомнувајќи потоа дека проблем создава нашата Влада, која стави в затвор мајка со бебе само затоа што зела бугарско државјанство. Ова е првпат во Брисел да се отвори вака директно проблемот со пасошкиот шопинг, но одговорот од ЕК сугерира јасно дека во укинувањето на визниот режим Брисел гледа решение на проблемот, бидејќи кога ќе нема визи ќе нема ниту интерес да се аплицира во други држави.
Повознемирувачка вчера, сепак, беше намерата на европарламентарците во одлуката за укинување на визите да ги додадат БиХ и Албанија, за и овие две земји да добијат, по автоматизам, безвизен режим, кога ќе се утврди дека ги исполниле условите што се бараат за тоа, а не да чекаат нова процедура во Брисел.
Ана Ибрисагиќ и Јелко Кацин вчера негираа дека ставањето на сите земји од Западен Балкан на одлуката за безвизен ре��им со фуснота (услов) ќе ја пролонгира одлуката, генерално, бидејќи и без нив отпорот кон укинувањето на визите е голем кај земјите- членки. Иако цел е да се поттурне целиот регион напред и да не се отвори простор за дестабилизација на некои од државите, кои би биле поизолирани отколку сега, тоа ја проблематизира одлуката да им се даде шанса на Србија и на Црна Гора, а не и на Албанија и БиХ, иако сите четири не ги исполнуваат условите за безвизен режим.
„Врз која основа ЕК вклучува едни, а исклучува други држави, иако сите не ги исполнуваат условите за тоа?“, праша вчера Зоран Талер, додавајќи дека сите се за тоа да се исполнат условите , но не може тие да важат за некои од државите, а за некои не. Ако помине ваквото барање на повеќето парламентарци Македонија ќе се најде на препораката за укинување на визите со четири други држави што не ги исполнуваат условите, што баш и не е некоја препорака за успех.
Кораца Билт гласно се спротивстави на барањето нарекувајќи го евтин трик, бидејќи со таквата фуснота на сите ќе им биде јасно и натаму дека во јануари нема да има безвизен режим за БиХ и Албанија. Па, таа ја повика ЕК да им помогне да ги исполнат условите, место да се испраќа порака дека може тие да се избегнат. Кој став ќе надвладее ќе се знае кога визите ќе се најдат на пленарна расправа, но сигналите од ЕК се дека нема расположение препораката да се шири натаму. |