Плочите умираат пеејќи
![](WBStorage/Articles/069A9DA7D75AEF48BE6672871ADE4887.jpg)
Интернетот ги уби продавниците за музички изданија, вели Зоран Митровиќ од „Чув де чув“
Тина Иванова
„Скопје нема продавница за плочи“ е познат цитат од еден постар џингл кој се уште се емитува на Музичкото радио „Канал 103“. Не беше тешко да се предвиди, како што цитатот од овој џингл најавува, бавното умирање на продавниците за компакт-дискови и уште повеќе, на дуќаните посветени конкретно на продажба на плочи. Но, Скопје, иако од секогаш се смета за еден од најосиромашените градови на балканскиот регион, а за Европа и да не зборуваме, што се однесува на продажбата, дистрибуцијата и промоцијата на музичките изданија, е само следбеник на трендот кој владее моментно во светот. Скопје има неколку продавници на носачи на звук чиј бизнис се сведува на продажба на домашни изданија и минимална продажба на странски, чија бројка пак, на најнови продукции од светот, може да се изброи на прстите од едната рака. Голем број на музички продавници во светот се веќе затворени, а причината за тоа се брзите промени во музичката индустрија која и самите купувачи, ќе каже еден странски новинар, ги направи конфузни. Згасна страста на купувачите на ЦД-а и плочи, зашто, ’благодарение’ на Интернетот, нивната вредност сега е потценета и спуштена под границите на реалноста.
Сопственикот на продавницата за дискови „Чув де чув“, Зоран Митровиќ, вели дека единствена причина за затворање на продавниците на музички изданија е појавата на Интернетот кој, според него, е поголем проблем од самата пиратерија. „Кај нас најнови изданија не се носат, затоа што никој не ги купува. Тоа е општ тренд на Запад. Се затвораат цели ланци, а за продавници пак, да не зборуваме. Интернетот си го направи своето. Не е пиратеријата главен проблем, затоа што Интерентот ги надмина рамките на обичната пиратерија. Интернетот всушност, ги уби продавниците. Во Солун на пример, од сите десет продавници за музички изданија, останаа само две од кои едната сега се затвора. Солун ќе има една продавница и тоа е ’Метрополис’“, вели Митровиќ. Според него, трите музички продавници кои останаа во Скопје функционираат базирано пред се на македонските изданија. „Мојата продавница е специјализирана за џез, за ворлд мјузик изданија, а поп-музиката не е мој интерес. Зошто, Мадона на пример, не може да се продаде кај нас ниту во два примерока. Секој ќе го симне нејзиниот нов албум од Интернет бесплатно“. На прашањето, каква ќе биде иднината на продавниците на плочи, Митровиќ вели дека можеби ќе опстанат специјализирани продавници кои во некоја рамка, ќе бидат и антикаврници. А, се она што е популарно, од доменот на поп-музиката или некои инстант наслови кои досега во светот се продаваа во милионски тиражи, ќе премине на продажба на Интернет. „На големите компании тоа им одговара, ќе отпуштат вработени, нема да имаат трошоци за нив, нема да имаат трошоци за печатење на дискови итн. Тоа, големите компании самите го направија, тоа им беше целта“, истакнува Митровиќ.
Мирко Попов, кој во моментов е уредник на „Канал 103“, а кој со ди-џејство, со тоа и со купување на плочи, се занимава долги години наназад, вели дека продавниците за плочи веќе стануваат аут. И тој се согласува со мислењето на Митровиќ дека генерално, целиот бизнис на купување и продавање на музика се одвива на Интернет. „Ретко е купувањето од продавница, а сето тоа е за сметка на Интернет- трансферот. Сметам дека нема смисла да се зборува за продавница за плочи, затоа што музиката одамна се одвива во електронска форма, и тоа преку Интернет. Секако дека во било кој град кој се смета за метропола треба да има продавница за плочи, зашто и таа форма треба да биде изразена, односно треба да се почитуваат артистите. Вистинате е некаде измеѓу, иако уште еднаш ќе повторам, се помалку имаат смисла продавниците за плочи“, вели Попов, кој смета дека кај нас ситуацијата и не е толку очајна, ако се земе в предвид, вели, во каква земја живееме. „Имаме продавници кои, ако ништо друго, барем ги продаваат новите македонски изданија“. На прашањето, дали како страстен купувач на музика му недостига ’мирисот’ на омотот на ново купено ЦД, Попов вели дека не сака да биде лажно носталгичен, иако го почитува концептот на ЦД изданијата. „Една од работите што сум ги научил во животот е да ги прифатам промените на времето. Еднакво ми е дали ќе го имам албумот на ЦД, или ќе го симнам од Интерент, важно ми е да ја слушам музиката“.
Едноставно, сите кои на било каков начин се навлезени во сферата на музичките изданија, нивната скорешна иднина ја врзуваат со Интернет индустријата. Така е во светот, така е и кај нас. Со оваа проблематика најмногу се соочуваат големите музички ланци како „Вирџин“, од каде се приморани да ги намалат цените на изданијата како би ја издржале конкуренцијата на супермаркетите. Многумина пак, од сопствениците на продавниците на плочи, не го обвинуваат Интернетот поради пропаѓањето на нивниот бизнис. Напротив. Ја поздравуваат неговата улога во корист на оние кои немаат можност да дојдат до одредени изданија, или оние кои никогаш не слушнале за поедини уметници или музички групи. |