Македонија ќе стане регионален центар за рано откривање рак
Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина ќе стане регионален центар за навремено откривање карцином, прединфаркти на срцето и други болести на бубрезите, мозокот, коските. Во овој институт за околу една година треба да профункционира најврвната технологија во медицината - ПЕТ скен-системот (позитронска емисиона томографија), со кој преку компјутерско томографско снимање на органите и ткивата со помош на позитрони ќе се дијагностицираат заболувањата уште кога не даваат симптоми. Со ваквите прегледи не само што болните ќе добијат поголеми шанси за лекување и живот туку ќе заштеди и државата затоа што со навременото откривање на болестите ќе се намалат болничките, но и тераписките трошоци,бидејќи ќе може да се следи и колку имаат ефект лековите врз болеста.
Физибилити студијата за изградба на овој центар за позитронска емисиона томографија е при крај, а во насока на промоција на центарот од денеска до 27 април ќе се одржи и 14. Европски симпозиум за радиофармација. „Меѓународната агенција за атомска енергија одлучи Македонија да биде домаќин на овој симпозиум, бидејќи се планира в година да ја промовира во регионален ПЕТ- центар“, истакна националниот координатор на проектот, д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска од Институтот за патофизиологија, која откри дека за оваа стручна средба имало протесни ноти од Грција до Австрија поради употребата на името Македонија. Д-р Ивановска објаснува дека МАЕ се одлучила центарот да биде токму во Македонија, пред се' заради кадровскиот потенцијал и солидната опременост на Институтот. (Ј.Ј.) |