Полански ме силуваше, но медиумите ми го уништија животот
Саманта Гејмер денеска има 45 години, три деца и работи како книговодителка на Хаваи
Саманта Гејмер, средовечна блондинка, ги лови комарците со тепалка во својата отворена канцеларија на Хаваи, повторувајќи по стоти пат дека конечно е време да постави комарник на влезната врата. Минува уште еден мирен и спокоен ден во овој земски рај...
Спокојството единствено го нарушува веста за апсењето на познатиот режисер Роман Полански, кој во 1977 година беше уапсен под обвинение дека и' давал дрога и алкохол на тогаш 13-годишната Саманта Гејмер и оти имал сексуални односи со неа. Стотици репортери трпеливо чекаат пред куќата на Гејмер, која се пресели на Хаваи пред дваесетина години, само за да се спаси од љубопитните медиуми и луѓе, кои, како што вели, константно ја прогонуваат. Сепак, и против нејзина волја, таа повторно е во центарот на внимание, особено откако во минатиот викенд Полански беше уапсен во Швајцарија каде што дојде да ја прими наградата за животно дело на филмскиот фестивал во Цирих.
Роман Полански во 1977 година тврдеше дека девојчето имало претходно сексуално искуство и оти сама се согласила на односи. Полански тогаш мина 42 дена в затвор каде што помина психијатриски тестови и се согласи да се изјасни за виновен. Пред донесување на пресудата, во 1978 година, побегна од САД затоа што мислеше дека судијата може да го осуди на 50 години затвор, а последните три децении живее во Франција каде што ја продолжи својата успешна кариера.
„Преживеав, успеав да го надминам тоа што Полански ми го направи како дете. Го надминав уште одамна“, рече Гејмер, додавајќи дека режисерот платил за тоа што го сторил и оти сака само да продолжи со животот.
Гејмер, сега 45-годишна жена, е убава русокоса со блескава насмевка, продорни очи и силен, убедлив глас. Мајка на три деца, која води тивок живот на Хаваи каде што работи како книговодителка. „Морав брзо да пораснам. Морав да научам да се грижам за себе на училиште, во судот, пред медиумите и љубопитниците“. Таа во јануари, откако јавно му прости на Полански во 1997 година, побара од судот во Лос Анџелес официјално да се отфрлат обвиненијата против него, сметајќи дека повеќе од 30 години во егзил се доволна казна.
Во 2003 година во „Лос Анџелес тајмс“ напиша дека на Полански не треба да му се забранува да го прими „оскарот“ за филмот „Пијанист“. „Не му забележувам, ниту, пак, имам некакви симпатии кон него. Тој е странец за мене. Тоа што се случи таа ноќ е тешко за верување, но е ништо во споредба со тоа што ми се случуваше понатаму“, изјави таа. „Тој ми направи нешто навистина грозно, но медиумите се тие што ми го уништија животот“, изјави таа за „Пипл“ во 1997 година, објаснувајќи дека токму затоа се преселила на Хаваи.
Гејмер денеска води нормален живот. Живее во куќа близу океанот каде што сопругот и синов��те сакаат да рибарат и сурфаат. И нејзината сестра живее во близина. Вели дека еднаш годишно оди во Лас Вегас, исклучително за забава.
Децата ја знаат нејзината приказна, а најмалото мисли дека е кул тоа што мама е на телевизија. „Сега сум добро. Имам прекрасен живот. Не можам да се вратам назад и да го сменам минатото, па затоа одам напред“, вели Саманта, која немаше коментар за апсењето на Полански изминатиот викенд кога медиумите повторно затропаа на нејзината врата.
Славниот режисер Роман Полански ја доживеа најголемата трагедија во животот на 9 август 1969 година кога членови на сатанистичкиот култ Чарлс Менсон влегоа во куќата на неговиот пријател и убија четири лица, меѓу кои и неговата сопруга, актерката Шерон Тејт, која беше во измината бременост со нивното прво дете. Во 1977 година, тогаш 44-годишникот не сонуваше дека токму таа година трајно ќе го одбележи целиот негов живот. Релаксирањето по напорната работа во луксузната вила на Џек Николсон се претвори во кошмар. (К.Ш.) |