Малешевија подготвена за забава на отворено
На 26, 27 и на 28 август ќе се спојат културата на многу народи и верските традиции
Иван Бојаџиски
БЕРОВО - Фолклорни ансамбли од десетина држави од Европа и од Америка и над 30.000 граѓани од земјава и од соседните држави ќе ја направат најголемата забава на отворено во источниот регион. Местото на големото случување е Берово, неговиот плоштад и делови од прекрасната беровска околина. На 26, 27 и на 28 август ќе се спојат културата на многу народи, верските традиции, илјадниците производи од еколошки чистата Малешевска област, како и од реномирани фирми од целата држава.
„Овде секојдневно пулсира голема организација, бидејќи наша света задача е сите што ќе дојдат на нашиот ‘Етно плоштад фестивал‘, во секоја минута од престојот да ја почувствуваат позитивната енергија и гостољубивоста на нашите луѓе. Имаме најави за учество на фолклорни ансамбли, кои негуваат автентичен и стилизиран фолклор од Америка, Франција, Романија, Србија, Полска, Бугарија. На големата сцена на градскиот плоштад ќе настапат над 200 фолклористи. Во делегациите на многуте држави чии репрезенти на фолклорните вредности ќе дојдат во Берово се и градоначалниците.
Најавено е општинското раководство од градот Ливаро - Франција со кои имаме потпишано меморандум за соработка. Гости се најавија и од романскиот град Кампалун со градоначалникот, а од Полска ќе дојде претседателот на областа Повијат Трезбеницки. Од соседна Бугарија ќе имаме ансамбли од три општини предводени од своите градоначалници“, вели Марин Демировски, директор на „��тно плоштад фестивалот“. Овој млад, енергичен човек тврди дека нивниот фестивал ќе биде можност за создавање блиски односи со многу општини од други држави што во иднина треба да се преточи во економска соработка.
За големиот настан Берово на големо се уредува. Се средува плоштадот, се интервенира на сите сообраќајници, а домаќинките чистат пред своите куќи. Берберот Бране, кој 55 години има дуќан на плоштадот вели дека беровчани живеат за тие три свои свети денови.
„Ќе ни дојдам многу роднини, пријатели, гости од сите страни на светот, а за еден град со десетина илјади жители тоа не е мала работа. Ние сме подготвени за пречек на сите посетители на начин како што тоа само Малешевци го знаат“, вели берберот Бране, еден од беровските легенди.
„Етно плоштад фестивалот“ не е само игра и песна, не е само празник за очите и ушите. Тој е и можност за вкусување од илјадниците производи, кои малешевци, но и некои производители од другите делови на Македонија ќе ги постават на една од најголемите трпези на отворено.
„Таа гастрономска понуда ќе биде, главно, од локални производи од нашата еколошки чиста средина. Ќе изложуваат и најголемите производители на вино, оцет и вода од Македонија. Запознавајќи ги Берово и Малешевијата, многуилјадните гости ќе имаат можност да го запознаат и овој дел од македонската понуда“, појаснува Демировски.
Сите програмирани настани во рамките на манифестацијата ќе се заокружат на 28 август - верскиот празник Голема Богородица, на големиот народен собир во дворот и околината на црквата „Света Богородица“. Тој ден од седумдесет до сто големи казани се готви храна, се принесува таканаречен курбан. Во казаните врие јагнешко месо со пиперки, кромид и домати. Храната ја обезбедува црквата, а најмногу граѓаните што си ветиле дека на овој празник ќе дадат курбан.
„На посетителите е само да понесат прибор за јадење, другото е грижа на луѓето од нашата црква. И годинава очекуваме огромен број посетите, бидејќи на Голема Богородица, Берово станува централната точка на Македонија“, изјави Блага Брндевска од црквата „Света Богородица“. |