Кривични пријави поради трагичната смрт на работниците во Куманово
ГОРАН АДАМОВСКИ СТОЛЕ БОЖИНОВСКИ
Полицијата поднесе кривични пријави против двајца претприемачи од Куманово поради тешки дела против безбедноста на луѓето. Симеон Николовски и Сашо Ѓеорѓиевски, ќе одговараат бидејќи не обезбедиле соодветна заштита на работниците, најмени да изградат црковен објект во кумановската населба Гладно поле, при што двајца кумановци го загубија животот. Од друга страна, истрагата за завчерашната несреќа кај Радовиш, во кој смртно страдаше еден работник, се' уште е во тек. Првично, и фирмата „Доминг“, чии работници беа најмени за инсталација на водовод, не им обезбедила адекватна заштита на своите вработени.
Вчера во семејствата на Сашо Петковски и на Драгиша Ангеловски, кои животот го загубија затрупани во ископ за канализација длабок четири метри, владееше траорна атмосфера на длабок молк, неверување, тага и огорченост. Нивните најблиски велат дека животот го загубиле за парче леб кај работодавец, кого од вина не го ослободува тоа што не е формално квалификуван ниту регистриран како претприемач на градежен објект со закон задолжен да обезбеди соодветна заштита на работниците што ги изнајмил на слободен пазар на работна сила. Десеттемина работници ангажирани на црковниот објект , од заштитни средства на себе имале само сопствени работнички комбинезони, а според законските прописи, мора да имаат заштитни шлемови, чизми, ракавици и друга ХТЗ-опрема. За несреќата да биде побизарна, двајцата настрадани работници имале (не)формална квалификација за тесари, а добиле работен налог да изведуваат монтажа на цевковод за канализација во длабок ископ, згора на тоа - странично необезбеден од одронување на земјата. Евангелистичко-методистичката црква за која завчера беше кажано дека го градела верскиот објект, вчера демантираше. Според нив, тие во Куманово ниту имаат црква, ниту градат објект.
Од почетокот на минатата година досега, на македонските градилишта загинаа вкупно 21 работник. Затрупани со земја, усмртени од струен удар, паднати од скелиња... Градилиштата во земјава се' повеќе стануваат места опасни за животот. Работниците немаат соодветна заштитна опрема, често работат работи за кои не се школувани, работодавците не пријавуваат дека почнале да изведуваат градежни работи, а инспекторите од Министерството за труд и социјала и од Министерството за транспорт и врски не успеваат навремено да стигнат на илјадниците парцели низ земјава каде што се гради. Кривичните пријави што се поднесуваат против виновниците за ваквите несреќи заглавуваат во судските лавиринти.
Четириесет и шестгодишен жител на кумановското село Тромеѓа загина откако падна од покривна конструкција на објект во изградба. Вработен во прилепската експозитура на ЕВН загина од струен удар, поправајќи дефект во трафостаницата во кругот на фабриката „Димче Бањарот“. Скопјанец што работеше на покривот во спортската сала „Борис Трајковски“ го загуби животот по пад од скеле високо 15 метри. Двајца работници во фабриката „Фа-ком“ се здобија со тешки изгореници, од кои подоцна починаа, во експлозија на гас во фабриката. Ова се само дел од настаните што ги полнеа страниците во весниците. Речиси во сите случаи, постоеше сомневање дека работниците не биле соодветно заштитени.
„Располагаме со вкупно 31 инспектор, кои, објективно, не можат да постигнат физички да бидат на сите места каде што се гради. Конкретно, во Куманово имаме еден инспектор, а се гради на стотина места“, вели Агим Шаќири, раководител на Секторот за заштита при работа во Министерството за труд и социјала.
Законот пропишува дека секој субјект што почнува да гради е должен да го извести Министерството, но практиката вели дека тоа не е секогаш правило. Инспекторите излегуваат на терен секогаш кога ќе добијат одредени сознанија дека работниците не се адекватно заштитени или, пак, дури откако ќе се случи несреќа. Во однос на надзорот, укажуваат на ризиците во нивната работа и ги предупредуваат работниците и нивните наредбодавци дека може да се случи трагедија ако не се почитуваат пропишаните правила. Во случај на несреќа, во соработка со полицијата, која врши увид, одлучуваат дали и кому ќе му поднесат кривична пријава.
„Кривичните пријави ги поднесуваме не само против сопственици на фирми, туку и против лица за кои ќе утврдиме дека на кој било начин се одговорни за несреќата“, вели Шаќири. Годинава биле поднесени четири кривични пријави, а лани 12, кои се' уште немаат судска завршница.
Освен што не се заштитени, македонските работници не се ниту осигурани од нивните газди во случај на несреќа на работното место. Кај нас, за разлика од земјите на Запад, не постои легислатива што би го уредила тоа прашање, така што семејствата на повредените или на загинатите работници преку судска постапка можат да бараат обесштетување.
„Работниците кои се во постојан работен однос можат да бидат обесштетени од Фондот за здравствено осигурување, а доколку сметаат дека нивниот работодавец не ги заштитил соодветно, можат да одат на суд и таму да побараат парична отштета“, вели раководителот на Секторот за заштита при работа во Министерството за труд и социјала. |