Каде се изгуби научната и критичката мисла?

Зад гласноста на хорот (разни манифестации, платени кампањи), сепак, имаме тивка држава
Светлана Унковска
Се' поголемото отсуство на јавното мислење преку отворени расправи, трибини и емисии станува загрижувачко. Дебата нема ни во медиумите, ни во институциите, ни во граѓанскиот сектор. Во реалноста постои чувство на една голема празнина на јавно кажаниот збор, која се' повеќе се отвора, за сметка на стеснатиот простор на критичкиот ум и научната мисла. Оттаму, со право се наметнува прашањето - стануваме ли заложници на наметнатиот страв дека се' што ќе се каже или ќе се искритикува власта и премиерот отворено може да му се удри од глава на критичарот, па затоа се' помал е бројот на експертите кои сакаат да говорат за некои чувствителни прашања.
Посебна приказна се и политичките ТВ-емисии, кои не само што ги има се' помалку, туку и оние кои се присутни во етерот се строго наменски со проверени уредници и одбрани дискутанти. Дури и цивилниот сектор некако е се' повеќе замолчан.
Професорката Билјана Ванковска смета дека во ваков сериозен момент власта треба да има слух за различните интереси и аргументации. Според неа, отворањето дебати за важните прашања од национален, државен и јавен интерес во пет до дванаесет е несериозно, затоа што во такви случаи надвладува наплив на емоции, а отсуствува рационалноста и тогаш е најлесно да се моделира чувството кај граѓаните.
„Зад гласноста на хорот (разни манифестации, платени кампањи) сепак, имаме ’тивка држава’. Таа се отсликува во отсуството на вистински дебати, на соочување на различни аргументи преку јавен дијалог, медиумски расправи и други трибини. Кај нас и во политичката сфера доминира елитистичкиот пристап и дијалог на партиските шеф��ви, што се гледа и во вонинституционалните и вонуставни форуми. Дури и во институциите нема дебата“, вели Ванковска.

Извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, Владимир Милчин, вели дека тоа е прашање на интелектуален и граѓански интегритет, кој подразбира преземање ризик за сопствените ставови наспроти комформизмот.
„Во основа секој од нас е соочен со избор - ќе аплаудира, ќе молчи или ќе каже што мисли критички. Нема системско решение кое ќе направи владата, односно власта да не ги контролира сите сегменти во општеството. Ние планираме една дебата токму на оваа тема и тоа ќе биде набргу, врзана за промоцијата на една книга ’Што не знаеше Орвел’, бидејќи имаме многу орвеловско во извртувањето на фактите“, вели Милчин.
Новинарот Бранко Героски, кој поради сопствените ставови за прашањето со спорот со името беше сменет од уредничката позиција во „Шпиц“, вели дека јавно мислење не може да постои кога постои цензура и се спречува критичкото мислење.
„По природата на нештата, медиумите се практично првата жртва на процесот на репресирање на политичкото мислење. Медалот има две страни - од една страна се луѓето кое го задушуваат критичкото јавно мислење и од друга страна се интелектуалците и медиумите кои лесно прифаќаат да бидат цензурирани и ограничени. За сопствениците на медиумите важен е профитот и затоа многу лесно прифаќаат да бидат самоцензурирани и да ги укинат дебатите кои би можеле да им создадат непријатности и на нивно место се добиваат реклами и огласи“, вели Геровски.
Ванковска охрабрува и вели дека секој што е посветен на демократскиот курс, ако сака ќе најде начин да промовира вистинска, а не симулирана дебата на истомисленици.
Претседателот на Центарот за истражување и креирање политики, Жидас Даскаловски, отсуството на критичка опсервација го оправдува со дневно-политичките настани, кои, како што вели, ја диктираат агендата на многу јавни трибини и дебати, кои се поврзани со донаторски програми и нивните цели во земјава а, од друга страна, пак, медиумите не иницираат никакви трибини.
„Печатените медиуми често во своите коментари се служат со изјави на професори, тинк-танкови и други експерти, но самите ретко организираат јавни трибини. Кај електронските медиуми видлива е популаризација на емисии од забавно-народен карактер со реално шоу, додека емисии од дебатен тип со актуелни политички теми се во втор план“, смета Даскаловски.
Општ е впечатокот дека и граѓанскиот сектор е во криза веќе подолго време и политички поделен.
„И порано граѓанскиот сектор негуваше кооперативен однос со власта преку промовирање за нив популарни теми. Денес се поделија на ’наши’ и ’ваши’, а такви со капацитет на критичар на власта се бројат на прстите на едната рака“, коментира професорката Ванковска.
„Тоа е данок што се плаќа секогаш кога ќе завладее популизмот“, смета Милчин како дел од овој сектор и потсетува на неодамнешната изјава на евроамбасадорот Ерван Фуере, кој јавно ја изрази загриженоста поради стравот што владее во граѓанскиот сектор отворено да се изјасни за важни и актуелни прашања. |