Градскиот отпад крие повеќе злато и сребро од рудниците
Во производствените хали на фирмата за рециклирање благородни метали „Додуко“ во Германија се преработуваат отпадоци. Во големи картонски кутии се наоѓаат метални парчиња, кои изгледаат како невнимателно одмотани филмски ленти. Од еден килограм метален отпад може да се добијат два-три грама злато. „Додуко“ има фирми-ќерки во Шпанија, Мексико и во Кина, но рециклажата се врши само во Германија. Фирмите-ќерки го праќаат отпадниот материјал што содржи благородни метали во Германија. Единствен исклучок е Кина. Таму не е дозволено да се извезува отпад. Кина одамна го препозна потенцијалот на „градското рударство“ и затоа го складира отпадот, кој подоцна може да донесе пари.
Рециклажата на благородните метали станува се' подобра, порано материјалот морало да содржи најмалку 5% сребро, а денес е доволен само 1%. Рециклирањето е важен фактор за снабдување на светското стопанство со благородни метали. „Додуко“ годишно рециклира 400 тони сребро.
„Доколу компанијата би била самостојна држава, би била тринаесетти производител по големина на сребро во светот, вели Армин Нител, раководител на Одделот за рециклирање благородни метали. Ако се сметаат сите германски производители на сребро заедно, групата би се нашла на петто место. Нител, сепак, се' уште е незадоволен. „Моментално 60% од материјалот, кој содржи балогордни метали, завршува на ѓубриште и не може да се рециклира. Во иднина оваа стапка мора да се намали“.
Високата цена на среброто помага, но во исто време и ја отежнува работата, вели Нител, оти индустријата постојано бара нови начини за поштедлива примена на скапиот материјал. И покрај тоа, концентрацијата на сребро во отпадот и натаму останува повисока отколку во рудата, подвлекува Нител. За да се добијат два-три грама злато или сребро, мора да се ископа околу еден тон руда, а истото може да се добие од само еден килограм отпад. За Нител, тоа е заштита на животната средина. И не само тоа. „Без рециклажа никако не би можеле да ја задоволиме потребата од злато и сребро. Кај среброто станува збор за една петтина, кај златото стапката е уште повисока. Од ова се гледа колку важен фактор е рециклирањето за снабдување со благородни метали на светското стопанство“. (Дојче веле) |