Различни показатели во анкетите
За само десетина дена анкетарите објавија рејтинзи на претседателските кандидати кои значително се разликуваат
Оливера Војновска
Во пресрет на изборите во јавноста речиси секојдневно почнаа да се објавуваат анкети за популарноста на претседателските кандидати, партиите и нивните лидери, при што паѓа в очи шаренилото на поддршката што тие ја добиваат во различните сондажи на јавното мислење. Ваквите податоци потоа се предмет на меѓупартиски препукувања, се свикуваат специјални прес-конференции, реагираат партиските штабови, кандидатите...
На што се должи ваквото отстапување во анкетите? Оние што се занимаваат со вакви истражувања велат дека резултатите не можат пластично да се споредуваат, дека е многу важно дали се работи за теренска или за телефонска анкета и во кој период е спроведена. Особено поради тоа што се работи за изборен тајминг и нештата дневно се менуваат.
Од последните официјално објавени анкети на Американскиот републикански институт - ИРИ, Центарот за истражување и креирање политики и Институтот за демократија, јасно се гледаат сериозни разлики во популарноста што ја добиваат седумтемина претседателски кандидати и главните политички партии.
Владимир Божиновски од Институтот за демократија не сака да ги коментира другите анкети и нагласува дека Институтот ги погодил резултатите на сите избори од 1999 година досега. Според него, логично е најголема поддршка да имаат Иванов и Фрчкоски, бидејќи зад нив стојат големи партии кои имаат силна и мобилизирана поддршка на теренот, за разлика од Бошкоски кој настапува како независен кандидат. Божиновски не е изненаден од популарноста што ја ужива Селмани и напоменува дека тој бил најпопуларен министер во Владата. Сепак, Божиновски смета дека гласачите-Македонци се' уште не се подготвени да гласаат за претседател-Албанец. Такво нешто, според него, би можело да се ��лучи на наредните претседателски избори за пет години.
Тој вели дека никој не може со сигурност да го предвиди однесувањето на гласачите, но прогнозира дека во вториот изборен круг битката ќе ја водат Иванов и Фрчкоски. Во прилог на ваквата прогноза, појаснува дека кампањата може да ја смени постојната ситуација со расположението на гласачите за плус-минус четири-пет отсто.
Ѓорѓи Кимов од агенцијата „Брима Галуп“, која ги прави истражувањата за Меѓународниот републикански институт ИРИ, не сака да навлегува во коментари на туѓи анкети. „За една компетентна анализа се потребни подетални и специфични податоци за начинот на кој е правена анкетата. Важна е методологијата - телефонска или теренска анкета, на каков стандарден примерок се правени истражувањата, а исклучително е значаен факторот време“, вели Кимов. Според него, неизвесно е со кого Иванов ќе се натпреварува во вториот круг. Тој смета дека кампањата ќе има влијание дали во финалето ќе влезе Фрчкоски, Бошкоски или Селмани. Во овој момент, Кимов не сака да прогнозира кој од тројцата кандидати има поголеми шанси.
Според Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики, времето е клучен фактор за анкетите и дека тие во овој динамичен период на изборна кампања треба да се прават почесто за пореално да го изразуваат расположението на гласачите. Анкетите, вели тој, се правени во период од две-три недели и затоа има отстапки во резултатите. Притоа, додава дека испитувањето кое го правело Центарот на 21 февруари (чии резултати официјално се' уште не се објавени) нема некакви разлики со податоците за популарноста на претседателските кандидати во другите анкети. Во оваа сондажа за Иванов се изјасниле 25,5 отсто од испитаниците, за Селмани -16,6 отсто, за Фрчкоски -11,9 отсто, за Бошкоски - 10.3 отсто, за Буџаку - 5,8 отсто, за Ружин - 5,4 отсто и за Хоџа - 3 отсто од испитаниците. Даскаловски смета дека битката за тоа кој ќе учествува во вториот изборен круг ќе се води меѓу Фрчкоски и Селмани.
Според телефонската анкета на Центарот за истражување и креирање политики, спроведена на 14 и 15 февруари, за Ѓорѓе Иванов би гласале 30,5 отсто од испитаниците, за Имер Селмани - 18,8 отсто, за Љубомир Фрчкоски - 15,6, за Агрон Буџаку - 10,9, за Нано Ружин - 5,6, за Љубе Бошковски - 4,4 и за Мируше Хоџа - 2,7 отсто. Последната теренска анкета на ИРИ направена од 4 до 9 февруари на примерок од 1.108 испитаници, за Иванов се изјасниле 23 отсто, за Бошкоски - 17 отсто, за Селмани - 12 отсто, за Фрчкоски -10 отсто, за Буџаку - 7 отсто, а за Ружин и Хоџа по 3 отсто од испитаниците.
Во телефонската анкета на Институтот за демократија, 25,5 проценти од испитаниците се изјасниле дека на претстојните претседателски избори би гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Иванов, 12,1 процент за кандидатот на СДСМ Фрчкоски, а 11,7 проценти за Селмани. За независниот кандидат Бошкоски својот глас на изборите би го дале 8,8 проценти од анкетираните, за Буџаку, кандидатот на ДУИ, 4,8 проценти, за претседателскиот кандидат на ЛДП, Ружин, 3,6 проценти, а за Хоџа, кандидатка од ДПА, 1,5 процент. |