Мислења
Што е луксуз денес?
Јосиф Ќурчиев
Што и да е, луксузот ќе остане она што секогаш бил: тврдоглав противник на еднаквоста. Сите сме рамноправни, но мал број се многу порамноправни од мнозинството
БЕЗ РАКАВИЦИ
Од синоќа со манифестацијата „Меридијани“, Струга по 49. пат е центарот на светската поетска реч. Но, тоа е само повод. Без никаква намера за, не дај Боже какво и да е потценување на сите досегашни и на последниот добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, во ова обраќање до читателите сакам да потсетам на еден од нив кој за многумина во светот претставува олицетворение на висока интелигенција и покрај сета иронија, скептицизам, сомнеж, сатира, но, пред се', длабока аналитичност до пророштво. Имено, пред 30 години, во 1980 година, венецот се најде околу вратот на Ханс Магнус Енцесбергер, германски поет, писател, колумнист и есеист, роден на 11 ноември 1929 година во малото баварско село Кауфбојрен. Му честитам на тогашното жири за видовитоста...
Неговите биографи, како и литературните критичари, сметаат дека токму во есејот го наоѓа најсоодветниот жанр како израз на сопствениот карактер. Јас би го нарекол – бушав. Исклучително суптилен бунтовник и опсерватор, циник и човек кој никако не се помирува со незнаењето, неспособноста и лицемерството на таканаречените елити и ги разобличува: без оглед дали се политички, културни или им припаѓаат на некои други самокрстени „елити“ кои во меѓувреме се намножија до бессознание.
Сакам во оваа пригода да потсетам на еден негов есеј објавен во 1995 година кој, ми се чини, не загубил ништо од својата актуелност, особено сега кога кога „природата го возвраќа ударот“, флоскула што треба, наводно, да ги образложи причините за сите поплави, пожари, топења на глечери што го одземаат деновиве вниманието на јавноста, без притоа ниту збор да слушнеме за вината на „интелигентното суштество“ кое некои го нарекуваат и човек...
Под наслов „Луксуз – од каде и каде со него“, Енценсбергер низ многу примери од историјата ќе го опише неговиот развој, желбите и потребите од него – секогаш за елитите – за да се задржи на модерното време и притоа да ги лоцира сегашните луксузи во шест категории кои во скусена форма ги соопштувам во продолжение:
1. ВРЕМЕ Тоа е најважно од сите луксузни добра. Најбизарно, притоа, е што токму елитите на позиции најмалку можат да располагаат со сопственото време. Во прв ред, притоа, не станува збор за квантитативно прашање, иако многумина припадници на тој слој работат и до 80 часа неделно. Многу повеќе станува збор за нивните повеќестрани зависности кои ги прават робови. Од нив се очекува во секој миг да бидат достапни и подготвени. Но, и „нормалните“ се обврзани на правила, па нивниот суверенитет врз времето е сведен на минимум. Во такви услови, луксузно живее само оној кој постојано има време за она со што сака да се занимава, самиот да решава за тоа што ќе прави со времето, колку ќе работи, кога и каде ќе го прави тоа.
2. ПРИВЛЕКУВАЊЕ ВНИМАНИЕ И ова добро го има малку, зашто за него огорчена борба водат сите медиуми. Во бркотницата на пари и политика, спорт и уметност, техника и реклама, останува малку простор за внимание. Само оној што ќе се откаже од опојноста на ТВ-каналите, може самиот да решава што заслужува внимание, а што не. Во вревата на арбитрарни информации (јас би додал терор врз нашите сетива и интелигенција од различните „елити“ – политички, естрадни и слични), се намалуваат нашите смисловни и когнитивни способности, а се зголемуваат со редукцијата на ова или она што самите сакаме да го слушнеме, видиме, почувствуваме и дознаваме. И во тоа може да се види момент на луксуз.
3. ПРОСТОР Она што за економијата е времето во календарите полни со термини, за просторот е застојот. Во преносна смисла тоа е секојдневјето: пораст на кириите, недостиг од станови, претрупан сообраќај, бркотница во пешачките зони, во дискотеките, во туристичките места. Тоа покажува големо стеснување на животните услови што се граничи со кражба на слободата. Оној што може да ги избегне овие кафези живее луксузно. Кон тоа припаѓа и бегството од ридиштата стоки. И онака тесните станови се забарикадирани со мебел, апарати, долапи полни со облека. Недостига доволно простор кој би обезбедил слободно движење. Денес луксузни се оние соби што се празни.
4. МИР И ова е потреба до која тешко се доаѓа. Оној што сака да ја избегне денешната бркотница мора повеќе да троши. Становит�� чинат повеќе колку што се помирни. Рестораните во кои не трешти музика, за своите услуги наплаќаат поскапо. Бучен сообраќај, свирење сирени, заканувачки стерео-апарати кај соседот – оној што може да го избегне ова, ужива во луксуз.
5. ЧОВЕКОВА ОКОЛИНА Да се дише воздух и да се пие вода кои не се загадени се д��бра што не се подразбираат, туку привилегија на само мал дел луѓе. Оној што не произведува храна самиот, за онаа што не е затруена мора поскапо да плати. Секако дека тоа е луксуз.
6. БЕЗБЕДНОСТ Ова веројатно е најнестабилното од сите луксузни добра. Во онаа мера во која државата не може да ја гарантира, расте приватната побарувачка, а со тоа и цените. Телохранители, агенции за безбедност, алармни уреди – се' што ветува безбедност денес им припаѓа на привилегираните, додека оваа бранша и во иднина може да смета на пораст. Сепак, привилегираните кои сакаат да се обезбедат не ги исклучуваат само другите, туку и самите себе.
Се' на се'... изобилството влегува во нов стадиум во кој се негира самото себе. Одговорот на парадоксот за масовноста на ексклузивитетот би бил нов парадокс: минимализмот и откажувањето би можеле да станат еднакво ретки како некогаш расипништвото. На тој начин луксузот, конечно, ќе ја загуби својата репрезентативна улога. Неговата приватизација ќе стане совршена. Нема да му биде потребна публика, таа ќе биде исклучена. Всушност, неговата логика и се состои во тоа да биде невидлив. Со таквото повлекување од стварноста, всушност, луксузот ќе му остане верен на своето потекло, зашто тој со принципот на реалноста секогаш и бил во судир.
Едно друго прашање, притоа, уште повеќе збунува. Имено, воопшто не е јасно кој е оној што во иднина ќе се вбројува меѓу уживателите на луксузот. Параметрите како општествената позиција, примањата и богатството не секогаш ќе бидат доминантни. Многу од она што беше спомнато овде, многумина менаџери, врвни спортисти и политичари едноставно не ќе можат да си го дозволат. Имено, простор и извесен степен на безбедност можат да си купат, но тие немаат ниту време ниту мир. И обратно, невработените, старите и бегалците кои наскоро ќе бидат мнозинство од населението можат да располагаат со своето време по сопствена желба, но би бил бланко презир во тоа да се гледа привилегија. Во мали засолништа или соби, без пари и сигурност, ништо не би можеле да прават со нивното празно време... При сето тоа, за правда воопшто нема да се зборува, еднакво како и во минатото. Во врска со тоа, луксузот и во иднина ќе остане она што бил секогаш: тврдоглав противник на еднаквоста.
Еве сме 15 години подоцна. Енценсбергер ја погоди суштината. Можеби вие наоѓате некои сличности во сопствените средини во стилот, гледај глобално - забележувај локално. А, мислам дека има што да се забележи. Или?
(Авторот е новинар) |