Уривањата на Бејта го чинат Гостивар 1.700.000 евра
Гостивар - Гостиварци од општината Гостивар побаруваат околу 1.700.000 евра отштета за незаконски урнати бараки, куќи, гаражи и други објекти.
Во 2005 и 2006 година, Невзат Бејта, како градоначалник на Општина Гостивар, урна околу 1.000 привремени објекти, бараки, куќи, занаетчиски и други објекти, изградени без потребна документација. Сопствениците кои сметаа дека уривањето им било незаконско поведоа судски спорови. Правдата ја докажаа на суд, добија пресуди со кои Општината треба да им исплати околу 1.700.000 евра.
Во гостиварската локалната самоуправа велат дека се завршени девет предмети со судско решение или се надвор од судска спогодба за која Општината треба да плати 17.000.000 денари.
За овој наследен долг, градоначалникот Руфи Османи го обвинува својот претходник Невзат Бејта. Спротивно на позитивните законски решенија, Бејта ги уривал објектите, со што на граѓаните и на Општината им нанесе големи материјални штети. Османи информира дека Владата и' одобрила кредит на Општината од 15.000.000 денари со кои само 25 отсто може да ги покрие долговите што ги оставил Бејта поради нелегалното уривање градежни објекти. (К.К.) |