Европа-Балкан
Опасни одговори
Иван Торов
Судскиот процес на Караџиќ е можност за одговори кој и како ја подготвил војната во БиХ
БЕЛГРАД - Едно апсење, две различни расположенија. Додека во Сараево не го криеја воодушевувањето што главниот креатор на војната во БиХ конечно е изведен пред лицето на правдата, во Белград ни приближно не се почувствува слична атмосфера. И двете страни, главно, се поведуваа од свои мотиви, причини и искуства, но, сепак, заедничко им беше целосното изненадување што господарот од Пале е фатен. Имено, и во Босна и во Србија беа целосно сигурни дека приоритет над приоритетите е пронаоѓањето и апсењето на генералот Ратко Младиќ, додека за Караџиќ дури се веруваше дека практично и никој не го бара.
И тоа е разбирливо. Во Босна од 1992 до 1995 година беснееше војна, која се водеше од малото планинско место над Сараево, но многумина, сепак, не се сомневаа дека стратегискиот центар, всушност, беше во Белград. Босна доживеа и преживеа тешко крвопролевање и разурнување, од кое ни по 13 години од завршувањето не закрепна. Меѓутоа, во Србија и понатаму се опстанува на тезата на Милошевиќ дека „Србија не учествуваше во војната“, но меѓународната обврска (овде и онде се провлекува и „морална“) пресуди дека по многу години камуфлажа во медиумски атрактивниот квазилекар Драган Давид Дабиќ го препозна некогаш најмоќниот човек на босанските Срби и најважниот хашки обвинет Радован Караџиќ. Во Сараево тој е синоним за масовно страдање на Бошњаците, но и Хрватите и Србите, личност која ги спои систематските подготовки за војна, меѓунационалната омраза и измама (сега на големо се пишува и за криминално-пљачкашкото досие на Караџиќ), а во Белград, сепак, тој е симбол за измешани чувства: додека националистичкиот блок и понатаму го смета за „национален херој“, другите, граѓанските, антивоените, но и малцинските кругови го доживуваат како измамник и кукавица која немаше храброст да се соочи со плаќањето сметки за своите „подвизи“.
И затоа судскиот процес против Караџиќ (можеби и обединет со Ратко Младиќ ако во меѓувреме биде уапсен) за едни (БиХ) ќе биде можност, конечно, да се разјасни како, колку долго и каде војната се подготвуваше, дали 44-месечната артилериска и снајперска блокада на Сараево, Сребреница, Приедор, депортациите, убиствата, логорите, силувањата и масовните грабежи беа „неминовна последица“ од „неизбежната“ граѓанска војна, како што и натаму се тврди во политичкиот врв на Србија или, пак, добро осмислено сценарио за остварување на дамнешната „визија“ за голема Србија.
Првото појавување на Караџиќ во хашката судница, но и самата медиумска атмосфера во Белград од моментот на неговото апсење, меѓутоа, како да навестуваат дека се', помалку или повеќе, и овој пат ќе тргне во погрешна насока. Ако за момент и се занемари новинарскиот обид за банализирање на злосторствата, така што од „двајцата“ Дабиќ - Караџиќ ќе се направи медиумски спектакл, попрецизно циркус, со што суштината на воената приказна и улогата на поранешниот претседател на Република Српска во најмонструозните злосторства би се прикрила или барем маргинализирала, вметнувањето на Караџиќ во игра на „главната тема“, наводно постоењето на „тајната спогодба“ со Ричард Холбрук, Караџиќ да се амнестира од секоја одговорност во замена за негово целосно повлекување од политичкиот и јавниот живот, ја погоди таа цел. Сега сите, со различни мотиви и калкулации, се стремат да докажат дека „договорот“ постои, само треба да се пронајде и со тоа „да се разобличи дволичноста на големите сили“, кои по многу интерпретации биле подготвени на Караџиќ и на Младиќ да им простат се', па дури и геноцидот во Сребреница и систематското разурнување на Сараево, стотиците илјади загинати „за да не се откријат и некои, за светските метрополи и нивните лидери, непријатни факти“. Всушност, за некаков можен удел на дел од меѓународната заедница барем во неспречувањето на тие злосторства.
„Повикот“ на Караџиќ дека дури во Хаг му се заканува „долгата рака на Холбрук“, односно ликвидација за да „не проговори“, всушност, е провиден обид да се избегне суштината - трагичниот биланс на босанското воено искуство. Да се ескивираат одговорите на неколку круцијални прашања: кој, зошто и како ја подготви војната, за придонесот на белградската интелектуална националистичка елита во „исцртувањето на новите српски граници“ и разгорувањето нетрпеливост и омраза, како и со чии одлуки една комплетна армиска област (на поранешна ЈНА) со авиони, аеродроми, хеликоптери, комплетна артилерија и опрема „е подарена“ на воените водачи од Пале (воена предност која не можеше да се надмине) и дали и во колкава мера има белградски удел во повеќекратните геноциди над босанските Муслимани.
Дури и под претпоставка дека имало некаков „договор“ меѓу Холбрук и Караџиќ и Милошевиќ, тој сосема сигурно не би смеел да биде над суровата реалност дека на територијата на БиХ се одвиваше крвав воено-злосторнички пир, кој подоцна („за да се прекине војната по секаква цена“) предизвика меѓународна интервенција (Дејтонската спогодба), која, во суштина, ја легализираше добивката (на едните) и загубата (на другите). И тоа е она на што во Сараево најмногу се надеваат дека ќе го докажат, а во Белград стравуваат дека судскиот процес против Караџиќ ќе покаже: најпрво дека тоа беше, сепак, војна за територии, која во меѓувреме доби обележје на сурово меѓунационално истребување на три народа, потоа дека Република Српска е „геноцидна творба“, формирана со етничко „хумано“ преселување, масовни злосторства и депортации кои во целост ја изменија етничката мапа на БиХ и, на крајот, дали евентуалното учество на Србија во сето ова е доволно за да се релативизира, можеби и ревидира, дури и укине, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг со која Белград беше ослободен од одговорноста за геноцид, но е и осуден за кршење на Повелбата за геноцид со тоа што можеше, а не го спречи масакрот во Сребреница.
Судскиот процес против Караџиќ веќе сега, и поради горенаведеното, е прогласен за „историски“, но големо прашање е дали таков и ќе биде. И процесот против Милошевиќ го имаше истиот атрибут, но неговата смрт пред крајот на судењето, а богами и големата неумешност на Хашкото обвинителство, ни ги скратија одговорите на многу контроверзии и дилеми. |