Број 2754  вторник, 05 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Брилијантен настап на театарот „Елена Камбурова“ од Москва

„Четири годишни времиња“ на Иван Поповски е сценска убавина направена до совршенство за сите сетила

Симон Илиевски

ОХРИД - Претставата „Четири годишни времиња“ на Московскиот театар за поезија и музика „Елена Камбурова“ во режија на Иван Поповски во неделата навечер ја воодушеви публиката во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид и според многумина таа ќе биде една од најдобрите програмски содржини на годинашново Охридско лето. Многумина со воодушевување коментираат дека се работи за засега невидена комбинација на мноштво театарски изрази склопени во чудна театарска визија.

Претставата „Четири годишни времиња“ режисерот Иван Поповски ја нарече „концепт без зборови“. Во неа е користена музиката на Вивалди, Пиацоло, Чајковски и Хајдн. Режисер и сценограф е Поповски, аранжер Олег Синкин, а пеат Елена Веременко, Надежда Гулитсакја, Ана Комова и Елена Пронина, а свират Тимур Воротникови и Татјана Масленикова. Оваа претстава е дел од трилогијата на Поповски што започна со проектот „П.С. Мечтаења“, продолжи со „Абсинт“ и се заокружува со „Четирите годишни времиња“.



„Беше тоа фасцинантен спој на сценографија, актерска игра и солистички изведби на која човек не може да остане рамнодушен. Во уметноста ретко може да се види ваква комбинација на звуци и визуелни ефекти. Овој пристап на Иван Поповски веројатно ќе добие високи оценки и во Москва и другите градови во светот каде што ќе се прикажува овој проект“, коментира познавач на збиднувањата на Охридско лето. Додава дека во оваа сценска убавина направена до совршенство кај човекот работат сите сетила а од салата се излегува полн со нова и свежа енергија.



Режисерот Иван Поповски кој дваесеттина години работи во Москва вели дека луѓето кои ги гледале претставите „П.С. Мечтаења“ и „Абсинт“ ќе им биде полесно да го примат неговиот концепт на спој меѓу драмата и музиката. Овој пат „Четири годишни времиња“ е концепт без зборови. Во претставата не е важен јазикот туку пеењето, емоциите и играњето за што треба да се отворат сите човекови сетила, вели Поповски. Објаснува дека во Москва честопати го прашувале како четирите девојки солистки така можат да пеат и да оставаат впечаток дека тоа е на плеј бек. Идејата светската премиера на овој проект да биде во Охрид била заеднички договорена со дирекцијата на „Охридско лето“ а московската е најавена за месец октомври.



Сцената во Центарот за култура во неделата навечер и синоќа беше адаптирана и наместо постојните седишта беа монтирани нови со кои се обезбеди специфичен поглед на театарската игра. Чест да ја следат премиерата имаа само 170 гледачи, а двојно повеќе останаа пред влезот на домот. Организаторите од Фестивалот „Охридско лето“ рекоа дека покрај синоќешната реприза се' уште постои интерес за други репризи. Според проценките на оние што го следат Фестивалот, претставата на Иван Поповски ќе биде еден од најквалитетните настани на овогодинашното 48-мо издание на Фестивалот Охридско лето.


Статијата е прочитана 190 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Изложба на Мирослав Масин на „Охридско лето“
Ѕвездата Инва Мула повторно ќе блесне под охридското небо
Почина Александар Солженицин – совеста на руската нација