Мекристал оди во пензија
Генералот, кој му згреши на Обама за Авганистан, сака да се повлече
ВАШИНГТОН - Поранешниот американски командант во Авганистан, генерал Стенли Мекристал, кој минатата недела го разреши од функцијата претседателот Барак Обама, ќе ја напушти армијата. Тој беше разрешен откако критикуваше официјални претставници на американската администрација во списанието „Ролинг стоун“.
Портпаролот на армијата, полковникот Том Колинс, за АП изјави дека генерал Мекристал ја известил армијата дека сака да се пензионира, меѓутоа треба да достави и официјално барање. Обама го именуваше генералот Дејвид Петреус како замена за разрешениот генерал.
Генералот со четири ѕвездички, Мекристал, и неговите помошници беа цитирани во текстот објавен во списанието како даваат омаловажувачки коментари за Обама и за други високи функционери. Се' уште не е јасно кога тој и официјално ќе ја напушти армијата, бидејќи овој процес вообичаено трае неколку месеци.
Генералот Петреус, кој го предводеше „зголемувањето“ на војниците во Ирак, беше именуван од претседателот Обама минатата недела во замена на генералот Мекристал. За вчера беше предвидено тој да се појави пред комисијата на Сенатот во сослушувањето за негова потврда како прв човек на вооружените сили во Авганистан. (Би-Би-Си) |