Мислења
Ги условувавме условите за ЕУ
Илија Димовски
Жално е што за обврската кон нашето европско интегрирање македонската опозиција условува со сосема други постапки што немаат врска со нашето интегрирање во европското семејство
Република Македонија се наоѓа во неповратен процес на усогласување на своето законодавство со европското. Усогласувањето не мора да значи дека е просто и едноставно препишување на европските регулативи и директиви, напротив, тоа претставува усогласување на нашата норматива, принципиелно базирана на општествените, политичките и економските услови и односи, со европските стандарди.
Стотици закони се донесени или изменети во последните години. Не се сите со исто значење. Дел се многу важни за специфични тематски области, но има и онакви кои се исклучително важни за целокупното функционирање на македонската држава и демократија. Како што ги нарекуваме: суштински.
Во последните неколку месеци се дефинираа неколку закони, чие донесување ќе претставува неопходен предуслов за добивање на долгоочекуваниот датум за преговори за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Тоа се: законот за внатрешни работи, законот за Собрание, законот за државни службеници и законот за финансирање на политичките партии. Овие се тие суштински закони кои мора да бидат донесени токму во временска рамка пред извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.
Законот за внатрешни работи беше усвоен од Собранието во текот на минатата недела и во него се внесени сите европски стандарди и препораки од оваа област. За преостанатите три закони процедурата треба да биде завршена во текот на следните еден месец или два за да се овозможи таквото усогласување на законодавството да биде земено како значајна нотификација во есенскиот извештај на Европската комисија. Добро е што за законот за финансирање на политичките партии постои целосна усогласеност со европските стандарди, но и целосна усогласеност со сите политичк�� парламентарни партии. Тој и ќе биде донесен во текот на оваа работна недела. Се надевам со консензус, поради тоа што и така беше најавено. Законот за државни службеници ја започна процедура во Собранието на Република Македонија, го помина првото читање, при што доби подршка речиси од сите пратеници и пратенички групи. Постоеја поголем број забелешки, но такви кои не ја менуваат суштината на самиот закон. Сепак, Владата на Република Македонија, поради неопходни доработки и усогласувања со европските стандарди и укажувања, го повлече од процедура овој закон, но и искажа подготвеност за значајно усогласување со забелешките на опозиционите партии. Претпоставките на сите учесници во процесот на донесување на овој закон се дека и овој закон нема да биде проблем да биде усвоен од страна на Собранието на Република Македонија, дури и веројатно со целосна усогласеност и поддршка од страна на сите политички и парламентарни групации. Тоа е добро и тоа дава добра основа за позитивен дух кон нашето побрзо евроинтегрирање.
За македонското Собрание, по донесувањето на овие три закони, како обврска, останува донесувањето на законот за Собрание. Со овој закон суштински се дообликува функционирањето на еден од најзначајните столбови на македонската демократија, Собранието на Република Македонија, и затоа побудува и најголем интерес кај сите политички партии.
Со законот за Собрание се регулираат повеќе суштински аспекти од неговото функционирање. Има доработка на одредени сегменти кои и досега се регулирани со Уставот на Република Македонија, Деловникот за работа на Собранието или со други законски акти, но има и суштински и нови елементи кои прв пат се сретнуваат во македонското законодавство. Она што е значајно да се потенцира е дека речиси сите, односно сите елементи и одредби од самиот закон се од исклучителен интерес на опозиционите пратеници, без разлика од која партија се во овој или во кој било следен мандат. Кратко кажано, ако се гледа низ тесно партиска призма, донесувањето на овој закон многу повеќе им одговара на опозиционите партии. Со овој закон тие ќе обезбедат многу повеќе инструменти за контрола над Владата на Република Македонија и многу повеќе инструменти за свое подобро функционирање. За нив подолу во текстот.
Значајно е да се истакне дека донесувањето на овој закон не е оригинерна обврска од процесот на наше интегрирање кон ЕУ. Потребата од донесување на овој закон е плод на дебатите и дискусиите помеѓу пратениците во последните една-две години за подобрување на работата на Собранието на Република Македонија. Овие дебати и дискусии, секако, се одвиваа со нескриена поддршка и помош од нашите пријатели од меѓународната заедница. Законот за Собрание не е стандард во сите европски држави, но е добар инструмент за јакнење на самостојноста и на независноста во неговата работа. Овој факт е за поздравување поради тоа што сами, како држава, без надворешни укажувања, покажавме дека знаеме да ги увидиме точките каде што мора да се дејствува во насока на изградба на македонската демократија.
Според мене, ова се значајните елементи. Прво, дополнително се регулира и прецизира функционирањето на Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија. Тоа е орган што треба да се грижи за поцелосно и функционално осамостојување на Собранието од извршната власт во поглед на финансирањето на неговите активности. Ова е значајно, бидејќи ќе се намали можноста на извршната власт да влијае врз Собранието преку какво било постапување со средствата предвидени во Буџетот, а со намена за самото Собрание. Ова е еден од елементите кој најмногу ги радува нашите меѓународни партнери. Второ, прв пат се воведува институт парламентарен надзор, односно се воведува можноста за надзорни расправи. Ова искуство го има во многу парламенти и претставнички домови, но, за жал, кај нас прв пат ќе биде внесено како можност во нашата регулатива. Овој институт се однесува на можноста Собранието на Република Македонија да ја зајакне својата контролна функција преку надзор врз спроведувањето на законите од страна на извршната власт. Петнаесет пратеници во секој момент ќе може да поведат надзорна постапка и да повикаат на сослушување кој било претставник на извршната власт. Ова е институт кој во многу аспекти ќе му помогне во работата на Собранието, но и исклучително позитивно ќе влијае врз работата на опозиционите пратеници. Трето, сите пратениците ќе може да добијат канцеларии во изборните единици каде што се избрани, со цел да го зајакнат своето комуницирање со граѓаните. Четврто, пратеничките групи ќе може да ангажираат надворешни лица за стручна помош во својата работа. Регулирањето на ваквата можност, исто така, е прв пат дел од македонската регулатива. Ова многу ќе им помогне на сите пратеници, но, сепак, потенцирам, исклучително полезно ќе биде за пратениците од опозиционите пратенички групи.
Во изработката на овој закон учествуваа сите пратенички групи. Во однос на неговиот текст, сите ја дадоа својата поддршка. Жално е што за ваква обврска спрема нашето европско интегрирање и без никакви забелешки во однос на содржината, македонската опозиција крајно отворено условува со сосема други постапки кои немаат врска со нашето интегрирање во европското семејство. Тоа е арогантно и дрско. Граѓаните знаат да го препознаат тоа. Граѓаните ќе го казнат тоа. Иако непринципиелно од страна на опозицијата, но со цел да ги завршиме сите наши обврски, ВМРО-ДПМНЕ во некоја форма ги прифати овие позиции на СДСМ. Ќе пристапиме кон разгледување и на забелешките на Венециската комисија на нашиот Деловник. Покажавме подготвеност за големите обврски, останува опозицијата, конечно, да покаже конструктивност и посветеност на заедничките цели.
(Авторот е пратеник) |