Маџиров на поетски фестивал во Франција
Никола Маџиров учествува на 13. Меѓународен поетски фестивал „Гласовите на Медитеранот“, кој од 18 до 26 јули се одржува во Лодев, Франција. На фестивалот ќе учествуваат триесетина поети од Франција, Шпанија, Израел, Мароко, Палестина, Ирак, Јордан, Португалија, Тунис, Сирија, Либан, Либија, Египет... Освен поезија, на најразлични локации во Лодев ќе се случуваат перформанси и музички концерти на португалската фадо-пејачка Кристина Бранко, како и на етно-групи од Алжир и од Шпанија. Никола Маџиров ќе учествува во неколку поетско-музички перформанси со познати вибрафонисти и гитаристи од Медитеранот, а неговата поезија ќе се чита на македонски и француски јазик.
Пред неколку дена Никола Маџиров се врати од светскиот собир на поети и преведувачи, кој прв пат, под силна полициска и воена придружба, се одржа во Багдад. Тој се претстави со своите дела на македонски, англиски и на арапски јазик. На меѓународниот собир во близина на древниот Вавилон учествуваа автори од десетина европски, азиски и африкански земји. Тие беа примени и од министерот за култура на Ирак, кој го нагласи задоволството што неколку современи автори се преведени на арапски јазик, но ја изрази и желбата ирачката современа книжевност, конечно, да биде обележана на мапата на светските книжевни текови. (Н.П.) |