Гасот не мора да чека на „Јужен поток“
Маја Томиќ
Ќе остане ли Македонија слепо црево на Балканот кога станува за гасификацијата или ќе дочекаме во блиска иднина овој енергенс да проструи низ земјава, со што ќе станеме дел од европското гасификациско семејство? Треба ли да го чекаме гасоводот „Јужен поток“ или можеме да почнеме многу бргу и сами? Дилеми кои повеќе години се наметнуваат и за кои многу влади бараат решение. Експертите го поздравуваат проектот, но сугерираат да не се чека, туку активностите околу гасификацијата на земјава да се туркаат и пред да се реализира овој стратегиски гасовод, односно да се искористат постојните потенцијали.
По низа декларативни заложби, во петокот Македонија ја искажа својата политичка решеност и волја за гасификација. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, се сретна со претставници на руски „Гаспром“ и на состанокот двете страни покажаа подготвеност Македонија да се вклучи во проектот „Јужен поток“, кој треба да почне да се реализира во 2015 година и со кој рускиот гас ќе се пренесува од Русија, низ Бугарија и Грција, до европските земји.
А, уште колку време ќе биде потребно за Македонија да се приклучи, сосема е неизвесно. Како ќе се случи тоа и, практично, дали со крак или со транзитна линија, во зависност од тоа дали ќе сакаат да се приклучат и Албанија и Косово, кога тоа ќе се случи и колку ќе не' чини, останува допрва да се прецизира. Плановите и анализите што ќе се прават во текот на наредните месеци, а ќе траат најмалку една година, треба да ги посочат деталите.
Значи, покрај искажаната волја на Владата за конечна гасификација, што е секако важно, остануваат уште многу технички работи, битни за реализација на проектот, бидејќи станува збор за големи сума од околу 300 милиони евра, пари кои државата во моментов ги нема. Она на што сигурно се смета се 60 милиони долари од клириншкиот долг на Русија, кои ниту оддалеку не се доволни. Останува прашањето дали Владата ќе успее да издејствува средства од меѓународните финансиски институции.
Министерот Ставрески во петокот не сакаше да каже ништо поконкретно за тоа колку ќе не' чини овој проект. Неофицијално, Владата веќе бара пари од европските банкари. Се барало заем од околу 250 милиони евра, по 120 милиони од Европската инвестициона банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за што веќе беше разговарано меѓу Владата и нивните претставници во мај годинава на Годишното собрание на ЕБОР во Загреб. Тогаш од страна на овие две институции беше искажана волја да се инвестира во инфраструктурни проекти, меѓу другото, и во гасификацијата. Но, тие се' уште не се изјасниле ништо поконкретно. Претставници на ЕИБ најавија посета на Македонија кон средината на октомври, кога веројатно ќе стане збор и за овој проект.
Инаку, Министерството за транспорт и врски пред крајот на 2009 година изработи физибилити-студија, со која се утврдени два магистрални правца низ кои би требало да минува гасоводот. Едниот е Клечовце - Битола, со крак до Струмица, при што овој град ќе се поврзува со гасовод до македонско-грчката граница. Вториот правец е Скопје - Тетово - Гостивар и има можност да се поврзе и со Кичево. Должината на целиот гасовод е околу 720 километри.
„Ние не треба да го чекаме ’Јужен поток‘ за да се гасифицираме, затоа што ќе мине уште многу време, засега тоа е само проект. Можеме да ги почнеме работите и многу порано, со додавање нова гасоводна цевка на веќе постојната што сега влегува во земјава од Деве Баир, и преку Струмица да стартуваме со гасификацијата, во рамките на проектот што го имаме. Во врска со ’Јужен поток‘, пак, треба да бидеме мудри како држава и да направиме да бидеме транзитна линија, а не да се поврземе со крак. Бидејќи бенефитите за земјата во тој случај се многу поголеми, па Македонија ќе стане и политички играч во регионот“, вели Константин Димитров, енергетски експерт. Додава дека примената на гасот во домаќинствата и во компаниите ќе направи големи заштеди. За да се гасифицираат домаќинствата неопходно е претходно да се изгради соодветна дистрибутивна мрежа околу градовите, пред се', Скопје, а гасот во основа најмногу ќе се користи за затоплување на просториите, на водата и за готвење.
Македонија засега троши околу 800 кубни метри гас годишно. Гасифицирани се околу 20 фирми преку гасот што влегува од македонско-бугарската граница кај Деве Баир. Покрај Скопје, најгасифициран град во земјава е Куманово, каде што многу фирми го користат овој енергенс. За претстојната грејна сезона се најавува дека преку „Гама“ на гас ќе се приклучат уште 15 поголеми потрошувачи: училишта, градинки, Општината и јавните претпријатија, со што ќе заштедат и до 40 отсто во однос на трошоците со електрична енергија. Од идната пролет се најавува дека и домаќинствата од Куманово ќе можат да се приклучуваат во мрежата за гас. Тој проект ќе чини околу 10 милиони евра, а Општината планира да ги обезбеди преку стратегиски партнер или преку кредитирање. (М.Т.)
|