Број 2801  четврток, 02 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Политика

ИНТЕРВЈУ

Поканата за НАТО и натаму е цврста

Роберт Симонс, заменик на помошник-генералниот секретар во НАТО

Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска

Брисел - Идната недела делегација од Македонија ќе ја претстави Годишната национална програма за членство во НАТО. Денес, пак, во НАТО ќе престојува претседателот Бранко Црвенковски, по речиси пет месеци замрзнати односи на високо ниво по Букурешкиот самит. Каква ќе биде пораката од НАТО до нив?


Трите земји што беа кандидати за прием во Букурешт треба да продолжат со циклусот годишни програми. Позицијата за Македонија од Букурешт и натаму е цврсто на маса. Тоа значи дека Северноатлантскиот совет може на која било редовна средба да донесе одлука за прием. Така што работењето на годишната програма во голема мера е одржување во живот на кандидатурата за прием. Всушност, мислам дека има значаен прогрес во земјата, дека последните избори поминаа подобро, дека е формирана стабилна Влада по една година и повеќе тешкотии на тој план, потоа го решивте прашањето околу границата со Косово, а сите тие се позитивни работи што ќе ги изнесеме на состаноците. Ќе продолжиме да ја туркаме вашата кандидатура за членство, одејќи низ овој процес на исполнување на годишната програма. Се видов двапати со вашиот министер за надворешни работи, при отворањето на вашата амбасада во Брисел и во Париз на состанокот за Централна Азија, и во двата случаја зборувавме за тоа како да го придвижиме процесот напред. Мислам дека е јасно дека Владата сака да го направи тоа.



Изненадува Вашата оцена за изборите, со оглед на критиките кои во тој поглед стигнуваат од ЕУ и од ОБСЕ. Имаше дури и најави во Македонија дека поради нив може да се преиспита поканата за прием, во смисла дека државата веќе не ја заслужува...

И на последните и на претходните избори имаше поединечни проблеми во поединечни изборни единици. Но, она што беше импресивно е дека генерално имаше подобрување во однос на претходните избори. И второ, Владата почна судски процеси против оние што ги предизвикаа тие проблеми. Tочно е, имаше индивидуални проблеми на изборите, но од друга страна, надвор од тие поединечни изборни единици изборите поминаа добро. Справувањето со проблемите, исто така, е начин да се биде позитивен околу изборите.



Како ја гледате иднината на односите меѓу НАТО и Македонија ако не се реши спорот околу името на државата? Има ли НАТО план Б за Македонија?

Македонија е наш активен партнер, придонесува во мисиите и ги користи бенефициите од целосната соработка. Очигледно, ние сакаме да одиме уште понатаму и затоа генералниот секретар веднаш по Самитот во Букурешт отиде во Македонија. Ќе продолжиме со мисиите, со годишната програма за членство и ќе ви го кажеме тоа што им го кажуваме на другите земји-кандидати, односно дека сакаме да продолжиме да работиме со Македонија за да стане најдобар можен кандидат за членство и дека ќе сториме се' што можеме во процесот на реформите. Не сме директно вклучени во преговорите околу спорот за името, но се надеваме дека тие ќе успеат и дека ќе можеме да го оствариме коминикето од Букурешт.



А план Б?

Не знам што би бил планот Б. НАТО е активен партнер, Македонија исто така. Има едно прашање, прашањето околу името, кое не е дел од процесот во Годишната национална програма, но сакаме да биде решено за да го материјализираме членството. План Б? Најпрво, немаме некаква категорија на второкласно членство. Или сте членка или не сте. Таков план би им дал изговор на сите да избегаат од решението. Затоа мислам дека е важно да продолжите да бидете активни и добри кандидати за членство, да има натамошни позитивни постигнувања со следниот циклус и со тоа да ја одржиме жива вашата кандидатура. Не мислам воопшто дека треба да излеземе со план Б или со каква било алтернатива, најпрво зашто НАТО нема таква категорија, а потоа бидејќи дава изговор да се избега од проблемот и сугерира дека сте решиле да не работите веќе на членството. А тоа не е во ваш интерес ниту, пак, во интерес на НАТО.



Господине Симонс, Вашиот оптимизам е во спротивност со состојбата во Македонија, која се' повеќе станува изолирана, дезориентирана и обесхрабрена, а граѓаните се лути на цел свет и на Алијансата. Нели Ве загрижува тоа?

Секако дека не' загрижува. Токму затоа генералниот секретар беше во Македонија набргу по Букурешт. Загрижени сме и бевме загрижени, бидејќи знаевме дека ќе бидете разочарани од проблемот кој ние не можевме да го контролираме. Затоа од почетокот порачавме дека сакаме да продолжиме со активна соработка и го правиме тоа. Го разбираме вашето разочарување, но многу сакаме процесот на интегрирање да продолжи. Затоа го поздравувам претстојниот состанок, со кој ќе претседавам јас. Слушнав, исто така, за испитувањето на јавното мислење, според кое 85 отсто од граѓаните сакаат да продолжи приближувањето кон НАТО. Има разочарување од актуелниот процес, но важно е да се оди натаму, Македонија да остане квалификувана за членство, па да се надеваме дека ќе се реши спорот и да одиме напред.



Има ли Македонија се' уште шанса да го фати возот со Хрватска и со Албанија до самитот во април?

Би рекол, тоа станува се' потешко и потешко. Тоа е само реалистична процена, не пресуда. На пример, еве во САД поминаа ратификациите на Хрватска и на Албанија. Сега ни претстојат избори за Конгресот и во вакви периоди тој не работи до февруари. Во мојата земја, кога има промени во администрацијата, какви што ќе има сега, треба време да се почне со работата. Исто така, новиот претседател ќе биде инаугуриран во јануари, тој ќе треба да формира тим, а за тоа треба време, исто така. Двајцата претседателски кандидати рекоа дека го поддржуваат приемот на Македонија во НАТО, па тоа не е дилема. Но, иако прашањето е техничко, треба време за ратификацијата, па од таа причина морам да кажам дека не мислам дека е веројатно фаќањето на возот со другите две земји. Тоа не значи дека нема да се обидеме, дека тоа не може да се направи како одделен процес. Ако се реши спорот, ќе го направиме тоа колку што е можно побрзо, но мислам дека технички гледано ќе биде многу тешко да се успее да се стори тоа до самитот во април.



Став на НАТО кога зборува за спорот меѓу Грузија и Русија е дека не може некоја земја да се прашува за иднината на друга што сака да и' се приклучи на Алијансата. Зошто тоа правило не важи за Македонија? Дали само земјите-членки имаат право да решаваат за иднината на други земји?

За да се прими која и да е земја во Алијансата, треба консензус од сите сојузници внатре. Одлуката за членство е одлука на Алијансата. Во однос на трети земји, во случајот на Русија и на Грузија, постои договорена позиција во НАТО што да се прави. Но, тоа е колективна одлука на Алијансата, од една страна, и на земјата што е засегната, од друга страна. Тоа е стандард во НАТО, одлуките да се носат со консензус.



Кој ја почна војната во Грузија?

Не знам. Не знам што се случи таа ноќ на 7 август и не сакам да шпекулирам околу тоа. Но, има две работи што треба да ги имате предвид. НАТО рече дека руската реакција беше диспропорционална, бидејќи е јасно што направи Русија таму. Таа беше испланирана пред 7 август. Земете го како пример испраќањето на пешадијата во Абхазија, која не беше инволвирана во конфликтот, а таму се приземјија 4.000 војници. Не можете да го сторите тоа преку ноќ. Така што е јасно дека диспропорционалната руска реакција била планирана однапред. Што доведе до тој план и што ги предизвика Русите да го остварат, не знам. Јасно е дека Русите и Осетијците ги провоцираа Грузијците и тие паднаа во замка.



Какви се шансите Грузија да си ги врати двете територии?

Тие се дел од Грузија и ние го признавме нејзиниот територијален интегритет. Практично гледано, Русите со мировниците ќе бидат таму извесно време.



Дали има чувство во НАТО дека треба да се брани Грузија, ако е потребно?

Не, бидејќи обврската од членот 5 се однесува само на земјите-членки. Дури и да добиеше Грузија акционен план за членство во Букурешт, тој фактички не носи безбедносни гаранции. Тоа е само процес кон членство. Ние ја критикувавме диспропорционалната акција на Русија и дадовме практична помош за Грузија и рековме дека не е прифатливо признавањето на Јужна Осетија и на Абхазија. Така што и' дадовме поддршка на Грузија, но таа е политичка, не воена. Бидејќи немаме обврска да ја браниме и немаме таква обврска кон која било земја. Тоа се однесува само на членките.


Статијата е прочитана 850 пати.

Испрати коментар

Од: Mihajlov
Датум: 02.10.2008 02:56:19
Da se veruva, deka Makedonija, minijaturna drzhava, bez prirodni resursi, kje opstane bez vlez vo EU i Nato e povekje od naivno. Grcite ja imaat podrshkata na Francija, albancite sigurno nema da prifatat da ne vlezeme vo NATO i EU zaradi imeto, bugarite, koi vazhen sojuznik na SAD, isto nema da prifatat makedonska nacija na antibugarska osnova. Dobro e da bidesh optimist, no na nekoja realna osnova.
Од: Atanasija
Датум: 02.10.2008 09:13:38
Zosto mi se cini deka site pretstavnici na megjunarodnite asocijacii-kako sto e NATO, i OON i drzavite kako sto e EU,SAD se odnesuvaat kako neresitelni roditeli kon svoite deca,pa mesto da go kaznat beljadzijata (Grcija),tie,za da ne ja izgubat negovata ljubov baraat od navredenoto i ponizenoto dete da se pomiri so ona sto ke mu dopusti beljadzijata! Da,MK e aktiven partner na NATO,duri prifati da bidat amnesirani amerikanskite vojnici vo slucaite da gi precekorat normite na odnesuvanje,praka vojnici vo zaristata sto gi otvora -bozem da gi zatvori na voeni sudiri,a idejata na EU od Atlantikot do Ural,bez spomnative tri drzavi bi bila strba,uste postrba bez Belorusija i Gruzija. Imeto na Drzavata ni go problematizira clenka na NATO,EU,OON-a celnicite na ovie organizacii ni poracuvaat:gledajte prajte,dogovoretesi.Prasanje e-za sto i so kogo.Ako ja sakaat RM vo nivnoto smejstvo-tie treba da ne prifatat kakvi sto sme.Nema drugo.
Од: mene
Датум: 02.10.2008 13:00:25
Do sega 100 pati trebase da vlezeme vo NATO ama so glupi politicari sto go vrtat zadniot i nisto ne barat za vozvrat do ovde stignavme. Nikoj be ne moze da me ucenuva ime da smenam, ili me primi ili mars od mojata zemja i kraj. Dadovme Srbija da ja bombardiraat od mak i sto nasite iscenkaa za vozvrat prazna slama. Pa i gi zgrizivme begalcite od kosovo da ne ja poplavat EU ,sto nasite iscenkaa za vozvrat prazna slama, pa ramkoven potpisavme i sto nasite iscenkaa?????, i prativne vojnici vo tugji zemji da ginat i sto iscenkavme ?????? itn itn So pametni politicari do sega ke bevme i vo NATO i EU. Dosta be nie uslugi praveme za prazni zborovi. IME NE MENUVAME! PO SE STO DOSEGA IMAME NAPRAVENO ZA NATO I EU I REDNO E DA NE PRIMAT, AKO NE SIKTER OD KRIVOLAK I TOCKA,VOJNICITE DOMA DA NI SE VRATAT. Sto se plasite toa da go kazete, sto ke me plasat so vojna samo neka probat site ke gorat so nas vo pekolot.MAKEDONIJA NE PRAVI VEKE OTSTAPKI NA DRUGI E REDOT.I NE E FER TOA DA SE BARA OD NAS.
Од: taipov abdula-istoricar intelekt.od turskata nacionalnost
Датум: 02.10.2008 13:11:37
Jas kako pripadnik na turskata nacionalnost vo RM-sum pogoden kako i sekoj makedonec okolu ne ferskiot odnos na NATO l EU kon RM. Nas ni treba edinstvo RM ima resursi za da izrani pet miljoni narod ako se iskoristaat pametno site mozni kapaciteti na RM. Dali na grcija i Bug.im smeta samo imeto ili pak imaat uste nekoji skrieni nameri sto narodot na RM nee zapoznaen, nas kako turski etnikum zelnata ni e da se priznae ustavnoto ime da makedonskata nacija bezuslovno se priznae od nadleznite vo svetot bidejki pod ovakvi okolnosti sto vodaat ne fer politika Grcija i bugarija samo mozaat da pridonesaat za ponatamosni konflikti ili ne planirani Balkanski vojni. Odnosite na Grcija i bugarija kon makedonija se stari kolku i samata RM.uste 1015g. bea oslepeni 1500 maked. vojnici na Makedonsk. car Samoil od strana na Vasilij-2 nie toa mozeme da go zaboravime no istorijata ne go zaborava nie nema sto da barame od nasite sosedi.Mislam deka vladata na R M.so gruevski ke iznajd.resenie.
Од: Todor do Abdula
Датум: 02.10.2008 15:20:04
Abdula vie ste istorichar, no sigurno indoktriniran. Vo site istoriski izvori Car Samoil se narekuva Bugarski Car, a vo uchebnicite vo Makedonija se narekuva nashata drzhava, Samuilovata Drzhava. bidejkji Makedonska Drzhava vo toa vreme ne postoela. Toa znachi nashata drzhava denes treba da ja narecheme Brankovata Drzhava ili pak Grujo drzhava.
Од: dimitar do Taipov Abdula
Датум: 02.10.2008 16:27:00
Abdula za pregovarac za Makedonija za imeto! Alal da ti e. Edinstveni stabiliziracki narodi na balkanot se Makedoncite i Turcite.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Политика
Министерски благослов за старт на новата академска година
Фуере- Јавното разногласие во врвот не е корисно за земјата
ВМРО-ДПМНЕ- Двојната формула е фер компромис
Македонија го либерализира влезот во земјава
Водата е заедничка тема на земјите во Европа
ССМ го оспорува Законот за работни односи на Уставен суд