Романците го запреа македонскиот налет
По три победи во низа, минимален пораз во деветтото коло на Шаховската олимпијада во Дрезден
Роберт Димитриевски
Романија ја прекина серијата од три победи на Македонија, славејќи со 2,5-1,5 во меѓусебниот дуел од деветтото коло на 38. Шаховска олимпијада во Дрезден. По победите над Луксембург, Венецуела и Финска, избраниците на капитенот Атанас Кизов беа запрени од фаворитот рангиран на 14. место според екипниот рејтинг, односно 25 позиции повисоко од Македонија. Поразот не' спушти од 42 на 54 место во конкуренција на 146 селекции. Можност за подобрување на скорот од пет победи и четири порази, односно 10 меч-бодови и 19 поени освоени по табли, македонските шахисти имаа во синоќешната ексјугословенска пресметка со Црна Гора во рамките на претпоследната рунда од турнирот.
Штета за загубениот дуел со Романците, бидејќи остана без ефект ефектниот триумф на велемајсторот Владимир Георгиев (2517) на првата табла против Андреј Истратеску (2633), стотти на листата на ФИДЕ. Белите фигури, но за половина поен, ги искористи и Звонко Станојоски (2502) против Константин Лупулеску (2594), а загубија Трајко Недев (2525) од Мирчеа Парлиграс (2611) на втората табла и Никола Митков (2556) од Левенте Вајда (2582) на последната.
Во претходното коло Македонија минимално ја совлада Финска, 52. на стартната табела, благодарејќи на целиот поен што го донесе Станојоски со бели фигури на втората табла против интермајсторот Тапани Самалвуо (2463). Георгиев на првата табла со црни фигури го запре Томи Нибак (2639), 89. шахист во светот, Митков на третата ремизира со ИМ Микаел Агопов (2449), а мирољубив епилог имаше и дуелот на четвртата табла меѓу интермајсторите Александар Чоловиќ (2458) и Хеики Лехтинен (2385).
Со победата од 2,5-1,5 во директниот дуел од деветтото коло, Израел ја симна Ерменија од првото место на табелата, издвојувајќи се како единствен со 16 меч-бода. Гелфанд го победи Аронјан, Родштајн беше подобар од Петросјан, Аврух загуби од Саргисјан, а ремизираа Роиз и Акопјан.
Топ-фаворитот Русија, која во Дрезден допатува со најсилен тим во историјата со рекорден просечен рејтинг 2750, загуби со 2,5-1,5 од Украина и полека го губи чекорот во борбата за медалите, слично како на претходната Олимпијада во Торино, кога не се најде ни меѓу десетте најдобри. Клучен беше поразот на играчот со највисок рејтинг во рускиот тим Морозевич од Ефименко на последната табла.
Други резултати од деветтото коло: Полска - Германија 2-2, Србија - Азербејџан 2,5-1,5, Франција - Кина 1-3, Виетнам - Англија 1-3, Белорусија - Словачка 2-2, Казахстан - Холандија 1-3, Куба - Унгарија 2-2, Шведска - Бугарија 1,5-2,5, Индија - САД 0,5-3,5, Норвешка - Словенија 1-3 итн.
Табела: Израел 16 (24), Ерменија 15 (25,5), Украина 15 (22,5), Кина 14 (23), Англија 14 (22,5), Србија 14 (22,5), Русија 13 (21,5), Германија 13 (22,5), Бугарија 13 (25,5), Холандија 13 (23,5) итн.
Георгиев - Истратеску
1. д4 Сф6 2. ц4 е6 3. Сц3 Лб4 4. е3 б6 5. Лд3 Лб7 6. Сф3 Се4 7. О-О Л:ц3 8. б:ц3 ф5 9. Ла3 Дф6 10. Сд2 С:д2 11. Д:д2 д6 12. ц5 д:ц5 13. д:ц5 Сд7 14. Лб5 О-О-О 15. ц:б6 Се5 16. Де2 Тд2 17. Ла6 Т:е2 18. б:а7 Кд7 19. Л:б7 ц6 20. Тфд1+ Кц7 21. Таб1 Сц4 22. Ла6 ц5 23. Тб7+ Кц6 24. Тб8 Сб6 25. Т:х8 1-0 |